ЕСЕ стартува проект за намалување на корупцијата во здравството

18-месечна национална иницијатива за поправеден и транспарентен здравствен систем.

Започнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, национална иницијатива чија цел е градење транспарентен, одговорен и поправеден здравствен систем кој одговара на потребите на сите граѓани – особено на жените и маргинализираните групи. Проектот го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари (МАГО).

Како што информираат од ЕСЕ, иницијативата се темели на три клучни правци: обуки на здравствени работници за зајакнување на нивната улога во спречување коруптивни практики; подигнување на јавната свест за препознавање и пријавување корупција; како и реформа на политики и процеси во здравството, со цел системско намалување на ризиците од корупција.

    Проектот ќе трае 18 месеци и директно ќе опфати 1.850 жени од маргинализирани заедници, околу 700 здравствени работници, 30 претставници на институции и 90 новинари, а индиректно — целата јавност.

    Според извршната директорка на ЕСЕ, Јасминка Фришчиќ, корупцијата сериозно го нарушува пристапот до здравствени услуги, особено за жените во ранливи групи. Таа посочува дека, според истражувања на Светската здравствена организација, 46% од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствени услуги, иако јавните трошоци растат. Дополнително, во истражувањето на ЕСЕ било утврдено дека 95% од Ромките и жените од рурални средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи, иако тие треба да бидат бесплатни.

    „Овие бројки јасно покажуваат дека мора да работиме заедно – институции, здравствени работници, граѓани – за искоренување на корупцијата во здравството,“ истакнува Фришчиќ.

    Од професионалната страна, претседателот на МАГО, д-р Глигор Тофоски, вели дека медицинските лица имаат должност да бидат активни фактори во спречувањето злоупотреби. „Не смееме да замижиме пред фактот дека корупцијата постои во здравството. Треба директно да се вклучиме во активности за препознавање и спречување коруптивни дејства. Така ги штитиме пациентите, но и интегритетот на нашата професија,“ изјави тој, додавајќи дека секоја жена треба да има еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги.

    За да се обезбеди национална покриеност, во имплементацијата се вклучени и Мајка Куманово, Станица П.Е.Т. Прилеп, Женски форум Тетово и Граѓанска иницијатива на жени Свети Николе.

    Проектот е поддржан од Expertise France, преку Француската агенција за развој, како дел од пошироката европска заложба за транспарентност и подобрување на јавните услуги.

    е-Трн да боцка во твојот инбокс

    Последни колумни