Ермис Лафазановски: „Џинџуџе“ е потрага по вистината, убавината и добрината

Во чест на големата Оливера Николова, наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади ја доби Ермис Лафазановски за делото „Џинџуџе“ — современа бајка за потрагата по вистината и човечноста во времето на „мол-културата“.

Ермис Лафазановски е добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2025 година со романот „Џинџуџе“, современа бајка која, според авторот, е потрага по вистината, убавината и добрината. Наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, е посветена на големата писателка Оливера Николова и го продолжува нејзиното наследство преку поттикнување на нови автори што создаваат дела за деца и млади.

Свеченоста на доделувањето се одржа на 5 ноември во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на голем број писатели, издавачи и почитувачи на делото на Николова. Победничкиот роман „Џинџуџе“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

Жирито, составено од Весна Мојсова-Чепишевска, Јагода Михајловска-Георгиева и Оливера Ќорвезироска, ја истакна оригиналноста на романот и неговиот спој на фолклорот и современата стварност. На настанот зборуваше и ќерката на писателката, Јана Андреевска, која се присети на љубопитноста, модерноста и неуморната желба на својата мајка да поттикнува нови автори и да ги инспирира генерациите што доаѓаат.

Романот „Џинџуџе“ е првото дело на Ермис Лафазановски за деца и млади. Приказната е сместена во совремието и ги следи двајцата главни јунаци – еден џин и едно џуџе, две спротивни, но меѓусебно поврзани суштества што преку авантури во урбаниот живот ја бараат рамнотежата меѓу доброто и злото. „Инспирацијата ја добив во ‘Сити мол’, кога ги видов врапчињата што живеат во трговскиот центар. Си реков дека тоа е симболично – малите нешта можат да преживеат и во бетонски свет. Така се роди идејата за Џинџуџе,“ изјави авторот.

Лафазановски објасни дека книгата е духовна и морална метафора за времето во кое живееме. „Живееме во ера кога се губи границата меѓу вистината и лагата, убавото и грдото, доброто и злото. Моите јунаци се токму во потрага по тие вредности,“ рече тој, додавајќи дека пишувањето на романот за него било процес на прочистување и враќање на основните човечки идеали.

Наградата „Оливера Николова“ беше востановена на 11 март 2025 година, на нејзиниот роденден, и има за цел да ги поттикне авторите што создаваат дела за младата публика. На првиот конкурс пристигнаа 38 ракописи од 37 автори, а во најтесниот избор беше и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Лафазановски изјави дека добивањето на наградата му претставува голема чест и поттик. „Ова признание има особено значење бидејќи носи име што обврзува. Во време кога воспитувањето на децата е најважната инвестиција за иднината, секоја книга за млади има огромна вредност,“ нагласи тој.

Во меѓувреме, „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, кој ќе трае до 11 јануари 2026 година. Авторите можат да учествуваат со необјавени романи за деца и млади со должина од 32 до 80 страници, испратени на електронската адреса konkurs@arslamina.com со назнака „За конкурсот Оливера Николова“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни