Ерина Богоева: Сакам брутализмот и модернизмот да се извадат од историскиот контекст

Processed with VSCO with hb2 preset

Трн: Брутализам или барок и зошто ?

Ерина: За мене секогаш прв избор ќе е Бртуализам (со тесно второ место на Арт Деко). 

Не дека Барокот на Версај, на пример, е за потценување но, едноставно помалку се пронаоѓам во него. 

Трн: Скопје ти е во фокус на твојот интерес. Што е она што те интересира од Градот највеќе: дали е слоевитата историја која создавала различен тип градби и архитектура низ вековите ?

Ерина: Во Скопје сум родена и го имам поминато најголемиот дел од животот тука. Голем дел од градот ми е врзан со емоции и спомени. А како и повеќето уметници, емоциите ме водат кон стварање уметност. Па тоа е случајот и тука, Скопје ме интересира од многу интимен и емотивен аспект и како таков го имам обработувано во повеќе наврати до сега. 

Трн: Ако можеш да се вратиш во историјата во кој период би се вратила во Скопје и каде би живеела?

Ерина: Би се вратила во 90тите во Скопје и би живеела токму каде што живеев тогаш- во предземјотресна зграда на ул. Маршал Тито (сегашна ул. Македонија). Таму имам многу убави спомени од Скопје и, да можам, би се вратила од сегашен аспект во тој момент. 

Трн: Скопје може да се пофали со разновиден спектар на архитектонски стилови, од бруталистички структури до модерни чуда. Како пристапи кон доловување на суштината на овие контрастни стилови во твојата фотографија?

Ерина: Порано не ги забележував архитектонските зданија низ градот. Но вп 2012та шетав еден мој соработник и пријател низ Скопје и тој ми зборуваше за тоа колку е фасциниран од “бетонските чудовишта” во градот. Така сфатив дека она што ми бил секојдневен пејсаж мене, всушност има многу поголемо значење и убавина. Така почна целата моја приказна со фотографирање на архтектурата. 

Трн: Архитектонската фотографија често бара остро око за детали и композиција. Можеш ли да споделиш некои техники или пристапи што си ги користела за да го доловиш уникатниот карактер на секој споменик во твојата колекција?

Ерина: За жал немам некој практичен совет. Јас многу фотографирам по инстинкт и некогаш колку е тоа добро толку си има и свои маани. Ама кога нешто ќе ме инспирира се трудам да го зграпчам најјако што можам и да го доловам во најдобро можно светло. Секако, годините искуство играат своја улога веќе исто така. 

Трн: Многу архитектонски споменици имаат историско или културно значење. Дали откри интересни приказни или анегдоти за зградите што ги фотографираше и дали би сакала да споделиш една со нас?

Ерина: За оваа изложба за жал не успеав да најдам такви информации за објектите. Но, во монографијата “Скопје- Архитектурата како фотографска скулптура” (ја има во Литература) истражував такви приказни за објектите таму. Најинтересна таква приказна ми беше за Зелената кула во Автокоманда: прозорите биле наместени стратешки за да бидат снајперски гнезда во случај на војна. Прилично сум сигурна дека е урбана легенда, но сепак. 

Трн: Имаш ли омилена фотографија од претстојната изложба или можеби омилен монумент?

Ерина: Никогаш не можам да изберам омилена фотографија. Немам деца, но ми личи како тоа прашање да ме тера да изберам кое дете ми е омилено. Секоја фотографија бара труд и посветеност и еднакво сум горда на сите нив. 

Трн: Дали поседуваш некоја фотографија што ти си ја направила и која нема цена?

Ерина: Најчесто тие моменти кои ми немаат цена, не ги фотографирам. Мене фотографијата ми е работа и професионално пристапувам кон тоа- сакам да е сѐ совршено. А во животот безценетите работи најчесто се несовршени и тоа им ја дава убавината. 

Има фотографии кои и после години кога ќе ги видам, им се радувам. Има и такви кои мислам дека сум можела подобро од денешна перспектива. Но, сите тие ме довеле каде што сум сега. 

Трн: Која е пораката на „Македонските архитектурални скулптури“, што сакаш гледачите да увидат од оваа изложба?

Ерина:Сакам да ја видат убавината на архитекрурата што ја имаме низ целата држава и конечно таа бруталистичка и модернистичка архитектура да се извади од историскиот контекст на времето кога е направена и едноставно да се ужива во нејзината естетика и практичност. 

Трн: Како би го искоментирала тоа дека брутализмот се враќа во мода, сиров бетон и железни конструкции се дел од модерните згради, домувања и слично?

Ерина: Веќе поодамна е вратен тој стил во мода и јас можам единствено многу да се радувам на тоа. Ќе имам уште работи за фоткање 🙂

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни