Поранешниот градоначалник на Њујорк, Ерик Адамс, доби албанско државјанство, по одлука на претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Поранешниот градоначалник на Њујорк, Ерик Адамс, доби албанско државјанство и пасош, откако претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, ја потпиша одлуката со посебен указ.
Веста првично беше објавена од албански медиуми, а подоцна потврдена и преку официјалниот државен гласник. Во документот се наведува дека државјанството му се доделува на Ерик Лерој Адамс и стапува во сила веднаш.
Адамс засега јавно не ја коментирал одлуката.
Доделувањето на државјанството доаѓа неколку месеци по неговата посета на Албанија, кога престојуваше четири дена во земјата и се сретна со премиерот Еди Рама. За време на посетата, разговарале за можности за соработка во туризмот и технологијата.
Тој тогаш ја пофали Тирана, истакнувајќи дека станува збор за град што се развива во позитивна насока, а најави и иницијатива за воспоставување директна авионска линија меѓу Њујорк и Албанија.
Ерик Адамс беше градоначалник на Њујорк од 2022 до крајот на 2025 година. По повлекувањето од трката за втор мандат, тој се најде во фокусот на јавноста поради политички позиции и контроверзии поврзани со неговата кариера.
И покрај тоа, доделувањето на албанско државјанство отвора ново поглавје во неговите врски со земјата, која тој неодамна јавно ја промовираше како партнер за идни соработки.