Фатма Бајрам Аземовска е претседателка на “Сумнал”, Здружение за развој на ромската заедница, организација која веќе 20 години работи на различни проекти во Скопје и во Битола. Искуството со Еразмус проектите го стекнува во последните 10 години преку учество во многу проекти, тренинзи и размени. Оваа програма вели Фатма, го променила нејзиниот живот и животот на сите оние со кои работела изминативе години.
– Еразмус е програма што прави чуда од нашите животи. Програма што ги менува нашите животи на подобро. Многу често младите немаат можност да излезат од своите средини, а да не зборувам за тоа да можат да одат во странство. Преку овие програми некои од нив за прв пат користат јавен превоз, дали е тоа авион, автобус или железнички превоз. Запознаваат луѓе од различни држави и од различни заедници. Имаат можност да зборуваат на англиски јазик и да си ги подобрат своите јазични способности. Потоа учат за нивната култура и традиција- вели Фатма.
Најважно од се според неа, е кога тие луѓе ќе дојдат во нивните средини да можат сето тоа што го научиле да го пренесат и на другите.
Во Здружението за развој на ромската заедница “Сумнал” младите имаат најразлични можности за младински размени, тренинзи и едукативни работилници на локално, национално или интернационално ниво. Од неодамна го започнаа и проектот “ Школа за лидерство и феминизам”.
– Проектот има за цел да развие школа за лидерство и феминизам конкретно за млади жени Ромки со тоа што ќе креира тренери лидери кои ќе ги вклучуваат овие млади жени Ромки и ќе ги едуцира на најразлични теми кои се потребни на една млада жена Ромка за да може да биде лидерка и да има стекнато самодоверба и самосталност- објаснува Виторија Михајловска, едукатор и проектен координатор во здружението.
Овие две жени со многу енергија и упорност преку Еразмус програмата го менуваат светот на маргинализираните заедници во Скопје и Битола.