Епстин повторно ja тресе Европа: смена и во Норвешка поради спорни врски

Поранешната норвешка амбасадорка Мона Јул ја напушта дипломатската служба поради „сериозно погрешна проценка“ во односите со Џефри Епстин.

Норвешкото Министерство за надворешни работи соопшти дека Мона Јул, поранешна амбасадорка на Норвешка во Израел, Обединетото Кралство и при Обединетите нации, ја напушта дипломатската служба поради, како што се наведува, „сериозно погрешна проценка“ во воспоставувањето контакти со американскиот осуден педофил Џефри Епстин.

Јул, која има 66 години, пред неколку дена беше суспендирана од функцијата амбасадорка во Јордан и Ирак. Според нејзиниот адвокат, таа доброволно се повлекла, оценувајќи дека поради актуелната состојба не е во можност професионално да ја извршува својата должност.

Од норвешкото МНР информираат дека Јул ќе продолжи целосно да соработува со институциите со цел да се разјаснат сите релевантни околности поврзани со случајот.

Во рамки на истрагата, Министерството започнало и внатрешна ревизија на сите финансиски трансфери кон Меѓународниот институт за мир во Њујорк, организација со која бил поврзан и нејзиниот сопруг, поранешниот дипломат Терје Ред-Ларсен, кој претходно јавно се извини за своите контакти со Епстин.

Случајот доаѓа во период кога поврзаноста на европски политички и јавни фигури со Џефри Епстин повторно предизвикува политички и институционални потреси низ неколку земји. Претходно, поради слични откритија, извинување упати и норвешката престолонаследничка Мете-Марит.

Епстин, кој беше обвинет за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници, изврши самоубиство во затвор во Њујорк во 2019 година, но последиците од неговата мрежа на контакти продолжуваат да отвораат сериозни прашања за одговорноста, етичките стандарди и институционалниот надзор во меѓународната политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни