Министерството за правда на САД соопшти дека досега е прегледан помалку од еден отсто од вкупната документација која може да биде поврзана со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Според официјалните податоци, од вкупно повеќе од два милиони документи, Министерството досега објавило 12.285 документи, односно 125.575 страници, додека преостанатите милиони сè уште се наоѓаат во фаза на преглед и обработка, објави американската телевизија CBS.
Документацијата што сè уште се разгледува вклучува електронска пошта, судски поднесоци, белешки од интервјуа спроведени од ФБИ, како и транскрипти и снимки од судски постапки. Надлежните институции наведуваат дека процесот е сложен и одзема време поради обемот и чувствителноста на материјалите.
Министерството потсети дека со закон е дозволено повторно разгледување и прикривање на информации кои можат да го откријат идентитетот на жртвите, како и содржини што се однесуваат на сексуално злоставување на деца. Токму овие законски обврски, како што се наведува, дополнително го успоруваат процесот на целосно објавување на документите.
Случајот Епстин и понатаму предизвикува силен јавен интерес во САД и пошироко, особено поради можните импликации врз лица од политички, бизнис и општествени елити.
