Епстајн во мејлови тврдeл дека Чарлс стои зад падот на принцот Ендрју – објавени нови документи

Објавени мејлови на Џефри Епстајн откриваат тврдења дека кралот Чарлс бил поврзан со оставката на принцот Ендрју во 2011 година. Истрагата продолжува.

Новообјавени документи откриваат дека осудениот финансиски брокер Џефри Епстајн во приватна комуникација го обвинил „Чарлс“ за повлекувањето на принцот Ендрју од функцијата британски трговски изасланик во 2011 година. На денот кога јавноста дознала за оставката, Епстајн во мејл до соработник напишал дека зад одлуката стои токму Чарлс.

Принцот Ендрју, кој постојано ги негира сите обвинувања за недозволено однесување, беше специјален претставник на Обединетото Кралство за меѓународна трговија и инвестиции од 2001 до 2011 година. Таа позиција му овозможила контакти со високи владини и деловни кругови ширум светот, пренесува Sky News.

Во електронска порака испратена на 21 јули 2011 година, денот кога беше објавено неговото повлекување, Епстајн напишал: „Претпоставувам дека знае дека ова е дело на Чарлс“. Пораката била одговор на соработник кој му јавил дека медиумите интензивно известуваат за „PA“, кратенка за која се смета дека се однесува на принцот Ендрју.

Ендрју се повлече од функцијата по зголемениот притисок од јавноста и критиките поврзани со неговото пријателство со Епстајн, осуден сексуален престапник. Фотографија од нивна заедничка прошетка во Њујорк, која се појави во медиумите неколку месеци претходно, дополнително ја засили контроверзијата. Во јавноста излегоа околу три милиони документи објавени од американското Министерство за правда, кои даваат увид во комуникацијата од тој период.

Според документите, Епстајн истиот ден испратил повеќе пораки до пријатели, во кои оценил дека повлекувањето „можеби е добро“ за принцот, додавајќи дека ќе биде „послободен“. Еден новински текст за оставката го проследил и до Гислејн Максвел, на што таа го прашала зошто се случува тоа, а тој одговорил дека мисли дека Ендрју сака да заработува.

Во меѓувреме, Ендрју Маунтбатен-Виндзор беше приведен минатата недела, токму на својот 66. роденден, под сомнение за злоупотреба на службената положба. По 11-часовно испрашување бил пуштен, но истрагата продолжува.

Британскиот крал во официјална изјава порача дека Бакингемската палата целосно ќе соработува со надлежните институции. Во соопштението се нагласува дека законот треба да го следи својот тек и дека не е соодветно дополнително да се коментира случајот додека трае постапката. Принцот Ендрју и натаму ги отфрла сите обвинувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни