Со завршувањето на самитот на Европска народна партија (ЕПП) во Загреб, европската безбедност повторно се најде во фокусот на политичката дебата. На заедничката прес-конференција на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на ЕПП Манфред Вебер, беше отворено и чувствителното прашање за можен европски нуклеарен штит, во контекст на променетата геополитичка и безбедносна реалност.
Самитот на ЕПП во хрватската престолнина ги собра лидерите на демохристијанските партии од Европа, меѓу кои и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, како и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Манфред Вебер оцени дека средбата била „многу успешна“, посочувајќи ја Хрватска како една од најуспешните и најмлади членки на Европската Унија. Тој ги истакна влезот во Шенген-зоната и еврозоната како клучни достигнувања, нагласувајќи ја и улогата на Пленковиќ како најдолговечен премиер во рамките на семејството на ЕПП.
Според Вебер, за 2026 година ЕПП поставува јасен приоритет – конкурентноста. Тој ја поврза со трошоците за живот, цените на енергенсите, работните места, но и со теми како домувањето и менталното здравје, особено кај младите. Посебно внимание било посветено и на договорот ЕУ–Меркосур, при што Вебер нагласи дека земјоделците и заштитата на надворешните граници мора да останат приоритет.
Во делот за безбедноста, Вебер истакна дека Европа мора посериозно да го разгледа членот 42.7 од Лисабонскиот договор, кој се однесува на солидарност во случај на воена агресија врз земја-членка. Тој оцени дека, иако формулацијата е посилна од онаа во НАТО, Европската Унија сè уште нема јасен оперативен план што тој член значи во пракса.
Пленковиќ, пак, отвори и институционално чувствително прашање, оценувајќи дека доколку процесот на одлучување во ЕУ не стане поефикасен, можеби е време да се разгледа и концептот на „помала Унија“ од 26 членки. Иако не именуваше конкретна држава, неговата изјава доаѓа во контекст на честите блокади и вета, најчесто поврзувани со политиките на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во одговор на новинарско прашање за идејата на Емануел Макрон за европски нуклеарен штит, Пленковиќ изјави дека, по Брегзит, Франција останува единствената нуклеарна сила во ЕУ и дека тој потенцијал, во новите безбедносни околности, логично станува тема на европско ниво.
Прашањето за европски нуклеарен штит повторно се актуелизира во услови на зголемени безбедносни ризици, војната во Украина и неизвесноста околу долгорочните трансатлантски безбедносни гаранции. Дебатата отвора сложени дилеми за суверенитетот, институционалните капацитети на ЕУ и нејзината улога како безбедносен актер.
