Две лица починаа од последици од инвазивен менингитис, а една од жртвите е студентка на University of Kent. Според BBC, уште 11 лица од областа Canterbury се хоспитализирани и наводно се во тешка состојба.
Се верува дека повеќето заболени се на возраст меѓу 18 и 21 година, а меѓу нив има и неколку студенти. И двете починати лица исто така биле во оваа возрасна група.
UK Health Security Agency контактирала повеќе од 30.000 студенти, универзитетски вработени и нивните семејства за да ги информира за ситуацијата. Од агенцијата соопштија дека за некои студенти во Кентербери се организира распределба на антибиотици, додека точниот сој на болеста сè уште не е идентификуван.
Властите наведуваат дека лицата кои живеат или работат во одредени згради на кампусот треба „без одложување“ да примат антибиотска терапија.
Од универзитетот соопштија дека безбедноста на студентите и персоналот е нивен највисок приоритет и дека тесно соработуваат со службите за јавно здравје за да обезбедат информации, совети и поддршка.
Се претпоставува дека ширењето на инфекцијата е поврзано со еден друштвен настан во Кентербери, на кој присуствувале дел од заразените. Експертите разговараат со заболените за да ги идентификуваат нивните блиски контакти.
Менингитисот е инфекција на заштитните обвивки што ги опкружуваат мозокот и ’рбетниот мозок и може да биде многу опасен ако не се лекува навреме. Симптомите вклучуваат висока температура, повраќање и силна главоболка која се влошува, а болеста може да предизвика и сепса – животозагрозувачка состојба. Еден од карактеристичните знаци е осип што не исчезнува при притисок.
Триш Манес, регионална заменик-директорка на здравствената агенција за југоистокот на Англија, предупреди дека студентите често ги занемаруваат симптомите бидејќи тие лесно може да се помешаат со настинка, грип или мамурлак.
Експертите потсетуваат дека менингитисот може да погоди секого, но најчесто се јавува кај бебиња, мали деца, тинејџери и млади возрасни. Том Нат, извршен директор на организацијата Meningitis Now, предупреди дека болеста може да напредува многу брзо и да има тешки последици.
Пратеничката од Кентербери Rosie Duffield на социјалната мрежа X напиша дека смртта на студентите е „навистина трагична“ и изрази сочувство до нивните семејства.