Соединетите Американски Држави го регистрираа првиот смртен случај од сипаници од 2015 година наваму – во руралните делови на Западен Тексас почина дете коешто не било вакцинирано.
Нормално, повеќето случаи во САД се внесуваат во земјата од луѓе кои патувале во странство. Досега, државните службеници во Тексас пријавиле 124 случаи. Соседното Ново Мексико пријавило девет.
Експертите укажуваат на опаѓање на стапките на вакцинација против сипаници ширум светот по пандемијата COVID-19. Во САД, повеќето држави сега се под прагот за вакцинација од 95 проценти за малите деца, нивото коешто е потребно за создавање на колективен имунитет од епидемии на сипаници.

Случаите на сипаници во САД минатата година беа речиси двојно повеќе од вкупниот број за цела 2023 година, што предизвикува загриженост за превентивниот, некогаш вообичаен вирус во детството.
„Морбилите се закана насекаде“, објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) на нивната веб-страница.
Но, дали епидемиите на сипаници се чести надвор од САД? Според Светската здравствена организација (СЗО), во 2023 година околу 10,3 милиони луѓе биле заразени со сипаници, а 107.500 починале. Повеќето биле невакцинирани луѓе или деца помлади од пет години. Случаите беа најчести во делови од Африка, Блискиот Исток и Азија, каде приходите се ниски, а здравствените услуги недоволни. На местата каде што сипаниците во голема мера се искоренети, случаите се шират од патници од други земји.
Во 2023 година големи епидемии беа забележани во 57 земји, вклучувајќи ги Индија, Индонезија, Русија, Јемен и Ирак. Демократска Република Конго (ДРК) забележа најмногу случаи, со 311.500 инфицирани луѓе.

Како и другите делови на светот, според СЗО и Европа доживеа „значителен пораст“ на случаите на сипаници во последниве години. Во првите три месеци од 2024 година, мали сипаници биле пријавени во 45 од 53 земји на европскиот регион на СЗО, со вкупно 57.000 инфицирани и четири смртни случаи. Во меѓувреме, Британија потврди 2.911 случаи на сипаници во 2024 година, што е најголем број на случаи регистрирани годишно од 2012 година.
„Дури и еден случај на сипаници треба да биде итен повик за акција“, рече Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа.
Вакцинацијата кај децата на светско ниво во последниве години опадна – од 86% во 2019 на 83% во 2023 година, делумно поради нарушувања во имунизацијата и здравствената заштита поради пандемијата.

СЗО проценува дека помеѓу 2000 и 2023 година, вакцинацијата помогнала да се спречат повеќе од 60 милиони смртни случаи ширум светот. Пред да се воведе вакцината во 1963 година, големите епидемии предизвикуваа околу 2,6 милиони смртни случаи годишно.
Независни експерти во 2016 година САД ги прогласија за земја без ендемични сипаници, но тој статус беше изгубен во 2018 година поради епидемијата на сипаници во Бразил и Венецуела. Намалените стапки на вакцинација ги поткопуваат напорите за целосно искоренување на болеста, велат експертите. Малите сипаници се толку многу заразни што е потребен 95 отсто имунитет за да се спречат епидемии, вели СЗО. Поинаку кажано, инфицира околу 9 од 10 лица коие ќе бидат изложени на вирусот, а имаат ослабен имунитет.