На денешниот состанок на координаторите на политичките групи во Европскиот парламент, одлучено е да не се дебатира за резолуцијата за политичката ситуација во Србија и покрај загриженоста поради наводната употреба на звучен топ за време на мирниот протест во Белград на 15 март.
Предлогот беше поднесен од либералните и зелените, а поддржан од социјалдемократите и левицата, но Европската народна партија (ЕПП) и екстремно десничарските групи беа против.
Претходно, пратениците во ЕП од ЕПП, чија придружна членка е Српската напредна партија (СНС), одбија да го потпишат писмо испратено од 33 европратеници до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во кое изразуваат загриженост за нејзината средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во екот на политичката криза во Србија.
Во текот на февруари 2025 година, кога на агендата на ЕП беше вклучена дебата за политичката криза во Србија, групата на ЕПП исто така беше против усвојување на резолуција по дебатата. Иако некои европратеници од ЕПП, како членовите на хрватската ХДЗ, унгарската Тиса и Австриската народна партија, ги поддржаа барањата на студентите, мнозинството европратеници беа воздржани, што практично го спречи заедничкиот европски одговор на кризата.