Европскиот парламент денеска во Стразбур изгласа резолуција со која се поддржува воспоставување европски финансиски механизам за подобрување на пристапот до абортус низ Унијата, во гласање што предизвика силни поделби меѓу пратениците. Предлогот беше усвоен со 358 гласа „за“, 202 „против“, додека 79 европратеници беа воздржани.
Станува збор за доброволен, таканаречен „opt-in“ механизам, кој би им овозможил на земјите-членки, со поддршка од европски средства, да обезбедат пристап до абортус за жени кои не можат да го остварат тоа право во сопствената држава и кои одлучуваат да патуваат во земја со полиберално законодавство. Иницијативата беше поднесена до Европската комисија преку европска граѓанска петиција, организирана од кампањата „My Voice, My Choice“.
„Ова гласање е огромна победа за секоја жена во Европа. Европската Унија конечно покажа дека сексуалното и репродуктивното здравје е основно човеково право“, изјави европратеничката од групата Renew, Абир Ал-Сахлани, која ја поднесе резолуцијата во име на Комитетот за правата на жените и родова еднаквост.
Гласањето доаѓа во момент кога Европскиот парламент бележи поместување надесно во повеќе политики, што, според аналитичарите, го прави исходот значаен сигнал за централно-левите сили. Дел од либералните и левичарските европратеници стравуваа дека десничарското мнозинство ќе ја блокира резолуцијата или ќе ја замени со значително поблага верзија, но поделбите во рамки на Европската народна партија овозможија оригиналниот текст да биде усвоен.
Координаторката на граѓанската иницијатива, Ника Ковач, изјави дека резултатот бил „целосно неочекуван“. „Се чинеше дека конзервативците и крајната десница имаат договор, но тивкото мнозинство застана на страната на репродуктивните права. Тоа е силна порака“, рече таа, додавајќи дека поддршката за овие права го надминува политичкиот спектар.
Резолуцијата, сепак, наиде и на жестоки реакции. Дел од европратениците од крајната десница остро ја осудија одлуката, а во пленарната сала имаше и вербални инциденти. Противниците на иницијативата тврдат дека станува збор за идеолошки притисок и мешање на ЕУ во националните надлежности.
Еврокомесарката за еднаквост, Хаџа Лахбиб, изјави дека Европската комисија проценила оти финансиската поддршка за активности поврзани со здравјето може да спаѓа во поддржувачките надлежности на Унијата, нагласувајќи дека иницијативата не цели кон мешање во националните закони за абортус.
Законодавството за абортус значително се разликува низ Европа, од речиси целосни забрани во Полска и Малта, до либерални решенија во Холандија и Обединетото Кралство. Поддржувачите на резолуцијата сметаат дека новиот механизам би можел да биде пресвртница за илјадниците жени кои секоја година патуваат во друга земја за да добијат безбедна и законска здравствена услуга.
Европската комисија има рок до март 2026 година да одговори на иницијативата и да соопшти дали и какви мерки законодавни или незаконодавни планира да преземе. Иако не е обврзана да го прифати предлогот, поддржувачите веруваат дека политичкиот сигнал од Европскиот парламент е јасен.
