По недели неизвесност, Европскиот парламент конечно ќе гласа за клучниот трговски договор со САД, кој предвидува укинување на царините за американската индустриска стока.
Гласањето, што ќе се одржи во четврток во рамки на Комитетот за трговија, се смета за пресвртница по застојот што го доведе во прашање целиот договор постигнат минатото лето во Тернбери, во сопственост на Доналд Трамп.
Застојот настана откако Врховниот суд на САД во февруари поништи дел од царините врз кои се темелеше договорот, а дополнителни тензии создадоа и изјавите на Трамп за Гренланд и можен ембарго кон Шпанија. Поради тоа, пратениците од групите на Социјалистите и демократите, либералите и Зелените бараа дополнителни гаранции од Вашингтон пред да дадат зелено светло.
Од друга страна, Европската народна партија инсистираше договорот да се одобри што побрзо за да се избегнат можни трговски одмазди и да се обезбеди стабилност за бизнисите. Клучна улога во постигнувањето компромис имал Бернд Ланге, претседател на Комитетот за трговија, кој предложил измени со посилни заштитни механизми за ЕУ во случај САД да не ги исполнат обврските.
Овие измени вклучуваат клаузули за стапување во сила, суспензија и прекин на договорот – со цел да се намали ризикот за европската економија.Доколку Комитетот даде зелено светло, следува гласање на пленарна седница, по што Европската комисија и Советот на Европската унија ќе започнат финални преговори за имплементација.
Во меѓувреме, Ланге ќе отпатува во Вашингтон на разговори со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир, што укажува дека договорот влегува во клучна фаза. Иако гласањето може да означи крај на политичкиот застој, останува прашањето дали договорот ќе донесе стабилност – или ќе отвори ново поглавје на трансатлантски тензии.