Ентеробактерии откриени во едно од деветте основни училишта во Карпош по вонредната контрола

По вонредните здравствени контроли во основните училишта во скопски Карпош, спроведени по случајот со масовното труење во училиштето „Димо Хаџи Димов“, во едно од деветте проверени училишта е откриено присуство на ентеробактерии.

Институтот за јавно здравје информира дека бактериите биле идентификувани во брисеви од две работни површини во кујнскиот простор, што укажува на недоволно одржување на хигиената.

Истата група бактерии претходно беше потврдена и во чешмите и храната во училиштето „Димо Хаџи Димов“, каде што голем број ученици развија симптоми на труење. Анализите покажале дека во останатите осум училишта вклучени во надзорот не се најдени патогени бактерии и мострите од храна и површини биле во рамки на здравствените стандарди.

Од Институтот најавуваат дека врз основа на наодите ќе предложат измени во Националната годишна програма за јавно здравје, како и во релевантните правилници и законски акти. Целта е да се засили хигиенскиот надзор во училиштата и градинките, како и да се обезбедат побезбедни услови за подготовка на храна и вода во воспитно–образовните установи.

Контролите во Карпош беа спроведени по сериозниот инцидент во „Димо Хаџи Димов“, каде што здравствената инспекција утврди дека бактериите од групата Enterobacteriaceae се најверојатната причина за труењето на учениците.

Извор: 360 степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни