Скопје станува центар на енергетските иновации. Од 27 до 30 октомври 2025 година, во Арената „Борис Трајковски“, ќе се одржи новото издание на Меѓународниот саем за енергетика и технологија – „Енерго-Технома 2025“, под мотото „Вклучи одржливи навики“.
Настанот ќе го прогласи за отворен г-ѓа Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, на свеченото отворање во понеделник, 27 октомври, во 18:00 часот.
Оваа година, „Енерго-Технома“ обединува над 40 реномирани изложувачи од земјата и регионот и повеќе од 20 стручни презентации и демонстрации, со акцент на одржливи решенија, нови технологии и практични придобивки за граѓаните.
„Годинава ‘Енерго-Технома 2025’ ќе го надмине форматот на класичен саем – на едно место ќе се соединат иновациите, науката, индустријата и јавноста. Саемот ќе понуди идеи, партнерства и инспирација за иднината, со посебен фокус на младите иноватори“, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем, на денешниот медиа брифинг.
На површина од 2.500 м², ќе бидат презентирани иновативни решенија во областа на енергетските постројки, системи за греење и ладење, соларна енергија, хибридни и трансформаторски технологии, климатизација, роботика и интелигентни системи.
Организаторите истакнаа дека посебен сегмент на саемот ќе биде посветен на младите иноватори од техничките факултети, кои ќе имаат можност да претстават свои проекти, да воспостават контакти со компании и да обезбедат практикантства или можности за вработување. Преку овој пристап, „Енерго-Технома 2025“ создава мост помеѓу академијата и индустријата, поттикнувајќи го иновативниот дух и развојот на нови генерации експерти.
Во рамките на програмата ќе се одржат компаниски презентации, конференции и панел-дискусии, меѓу кои и годишната конференција на МАМЕИ (Македонска асоцијација на метална индустрија) и тематската расправа „Енергетска ефикасност – најбрзиот пат до пониски трошоци“.
Саемот ќе биде отворен за посетители од 13:00 до 18:00 часот на 27 октомври, од 10:00 до 18:00 часот на 28 и 29 октомври, и до 17:00 часот на 30 октомври.
