Оваа специјализирана саемска манифестација е бренд кој постои веќе четири децении и претставува место каде што со години наназад претставниците на најголемите домашни, но и странски производители во областа на металургијата, електротехниката, енергетиката и градежништвото ги претставуваат и промовираат своите иновативни и ефикасни производи и методи, со континуирано претставување на индустриското стопанство во регионот и најновите достигнувања во областа на технологијата и енергетиката.
Саемот не се одржуваше неколку години, но Скопски саем оваа година направи напор повторно да го организира и да ја врати довербата кај компаниите и институциите за капацитетите за одржување на вакви манифестации.
ЕНЕРГО ТЕХНОМА оваа година ќе биде посветен на зелени решенија и иновативни технологии, со цел да ги истакне најновите технолошки достигнувања и стратегии за справување со глобалните енергетски предизвици. За време на трите дена од саемот, ќе се претстават повеќе од 30 водечки компании од Македонија и од регионот кои ќе ги претстават своите најсовремени производи, технологии и услуги, фокусирани на обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, автоматизација и модерни технолошки процеси.
ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2024 претставува и уникатна можност за деловна посета на компаниите од овие индустрии и размена на идеи и контакти меѓу професионалците, како и проширување на бизнис мрежите во насока на дефинирање на идните технолошки насоки за обликување на индустриите во иднина и придонес кон подобра енергетска иднина. Од друга страна, посетителите ќе имаат можност да ги видат најновите енергетски технологии, машини и индустриски опрема и да проследат презентации, програма на изложувачите, трибини и панел дискусии со експерти од областа за актуелните трендови во енергетската индустрија, одржливите извори на енергија и иновациите во производството.
Саемот ќе овозможи комплетна понуда, а компанијата Кроација Осигурување како партнер на саемот, ќе понуди продукти кои овозможуваат осигурување и поддршка на проекти од енергетиката и технологијата.