Истражувачи од Универзитетот во Рочестер откриле дека тауринот – аминокиселина што се додава во повеќето енергетски пијалоци – се користи како извор на гориво од страна на клетките на леукемија. Студијата, објавена во списанието Nature, покажала дека тауринот всушност им помага на клетките на ракот да преживуваат, да се делат и да се шират. Со други зборови, додека вие го консумирате за да ја зголемите продуктивноста, можно е и леукемијата да добива поттик.
Истражувачите, користејќи го својствениот научен јазик, предупредуваат дека е неопходно „внимателно да се разгледаат ризиците и придобивките“ од употребата на таурин – учтив начин да се каже дека оваа состојка потенцијално го поттикнува развојот на рак и заслужува сериозна дискусија.
Што всушност прави тауринот?
Тауринот не е нова или егзотична супстанца – природно се наоѓа во храна богата со протеини, како месото и рибата, а организмот го произведува и сам. Но, во енергетските пијалоци, тауринот се додава во концентрирани дози и се пласира како стимуланс за метаболизмот и засилувач на фокусот. Дополнително, се користи и во некои терапии за рак со цел да се ублажат несаканите ефекти од хемотерапијата. Иронично, според најновите сознанија, токму тој додаден таурин можеби прави повеќе штета отколку корист.
Во спроведената студија, научниците имплантирале човечки леукемични клетки во лабораториски глувци и го следеле начинот на кој тие клетки реагираат на тауринот. Утврдено е дека здравите клетки од коскената срцевина природно произведуваат таурин, кој потоа преку генот SLC6A6 директно се пренесува до клетките на леукемија. Откако ќе навлезе во нив, тауринот ја активира гликолизата – процес во кој шеќерот се претвора во енергија – со што дополнително се поттикнува растот на канцерогените клетки.
Клучниот момент од студијата е откритието дека кога се блокира внесот на таурин, растот на ракот значително се забавува. Ова го отвора патот кон нов пристап во лекувањето – фокусиран на „гладување“ на болеста, наместо само на нејзино директно уништување.
И ова можеби не важи само за ракот на крвта. Истражувачите веќе испитуваат дали тауринот има слично дејство и кај други видови рак, како на пример кај колоректалниот карцином.
Што значи ова за вас?
Ова не значи дека секој енергетски пијалок автоматски ќе предизвика рак – но укажува дека внесувањето синтетички аминокиселини како средство за вештачко зголемување на енергијата можеби не е сосема безопасно. Особено ако се земе предвид дека, според студијата, клетките на ракот буквално го апсорбираат тауринот како предтренинг суплемент.
Да, новите вкусови на Ред Бул можеби се вкусни. Но ако вашата коскена срцевина работи прекувремено за да „нахрани“ нешто што навистина не сакате да расте – можеби е време да се држите до… вода?
Извор: VICE