Земјата денес се наоѓа во состојба на сериозен енергетски дисбаланс – прима повеќе енергија од Сонцето отколку што може да ја врати назад во вселената. Овој вишок топлина се акумулира и го забрзува глобалното затоплување, предупредуваат научниците.
Според најновиот извештај на Светска метеоролошка организација, во периодот од 2015 до 2025 година се забележани најтоплите 11 години досега. Сепак, температурите што ги чувствуваме се само мал дел од вистинската слика – дури над 90% од вишокот топлина завршува во океаните.
Океаните во 2025 година достигнале рекордно ниво на загревање, а стапката на нивното затоплување е повеќе од двојно зголемена во последните две децении. Ова не само што ги загрозува морските екосистеми, туку има и долгорочни последици врз нивото на морињата и климатските системи на планетата.
Енергетскиот дисбаланс расте со драматично темпо – во просек за околу 11 зетаџули годишно во периодот од 2005 до 2025 година, што е еквивалентно на околу 18 пати повеќе од вкупната енергија што ја користи човештвото.
Главната причина за оваа состојба е човековата активност, особено согорувањето на фосилни горива и уништувањето на шумите. Овие процеси ослободуваат гасови што ја задржуваат топлината во атмосферата, како јаглерод диоксид и метан, кои се на највисоко ниво во последните стотици илјади години.
Иако само мал дел од оваа топлина директно ја чувствуваме, последиците веќе се видливи: поинтензивни топлотни бранови, пожари, поплави и уништување на земјоделските култури. Воедно, се зголемува и ризикот од ширење на болести, што дополнително ја влошува глобалната состојба.
Научниците предупредуваат дека дел од оваа топлина веќе навлегува во длабоките слоеви на океаните, што значи дека ефектите ќе траат со векови. Паралелно, топењето на мразот го намалува капацитетот на Земјата да ја рефлектира сончевата енергија, што дополнително го засилува затоплувањето.
Дополнителна загриженост предизвикува и можната промена од климатскиот феномен Ла Ниња во Ел Нињо, што би можело уште повеќе да ги зголеми глобалните температури во наредниот период.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека „сите клучни климатски индикатори сигнализираат црвен аларм“, нагласувајќи дека планетата е туркана над своите граници и дека итни мерки се неопходни.