Енџи Николоска е од оние уметници кои не чекаат сцената да им биде дадена – туку ја создаваат самите. Без разлика дали стои неподвижно на улица како жива статуа, говори преку монодрама или раскажува приказни пред камера, нејзиното присуство секогаш носи тивка, но јасна порака: уметноста не мора да биде сместена меѓу ѕидови за да биде силна.
Таа се издвои како млада актерка со изразен перформативен сензибилитет, градејќи кариера на пресекот меѓу театарот, филмот, медиумите и уличниот перформанс, со активна улога на културната сцена во Македонија, но и надвор од неа.
Како претставник од Македонија на HN Talent Academy во Сараево, таа споделува што значи интернационалниот образовен и продукциски контекст за млад уметник, но и зошто уличниот перформанс и појавата како жива статуа ја смета за подеднакво важен простор за дијалог како театарската сцена. Во разговорот се навраќаме и на монодрамата „КРИК“, нејзиниот личен и општествен импулс, фестивалските настапи во регионот и прашањето што денес значи да се остане автентичен во време на формат, видливост и алгоритам.
ТРН: Tвојата кариера се развива на пресекот меѓу театар, филм, телевизија, новинарство и театарски, танцов, поетски перформанс. Во контекст на македонската културна сцена, колку беше тешко да се избере пат што не се вклопува во класичните професионални рамки и што значи за тебе ваквата слобода на изразување?

Енџи: Непознатото секогаш со себе носи доза на дилеми, страв, љубопитност и многу инспиративни приказни. Трудот и работата, постојаната едукација од областите во кои се дејствува се нешта кои водат на бранот со предизвици и надвор од удобната зона-од нас зависи дали ќе се откажеме и постојано ќе зборуваме колку е тешко или ќе го запомниме целиот процес со сите позитивни и негативни работи и точно ќе знаеме што нѐ довело до финалниот резултат. Слободата на изразување за мене е исклучително важна. Во време со турбулентни летови исклучително е важно да се спознаеме себе си и другите и да се излезе од ограничениот видик, од причина што е бесцелен, не нуди ништо. Потребно е да се жонглира со вештини и да се биде јасен во пренесувањето на пораката. За понатамошен развој се разбира дека важна состојка е и критиката истата е добредојдена, важно е кој е испраќачот. Имам чувство дека сѐ повеќе се пласира дрскоста, лицемерието, егото отколку заедништвото, емпатијата, себеистражувањето, а токму ова (често) влијае на сопствената и колективната продуктивност. Јас оддамна свесно избрав да одам низ овие крстосници, го чувам детето во себе и продолжувам и понатаму да истражувам.
ТРН: Како претставник од Македонија на HN Talent Academy, влезе во интернационален образовен и продукциски контекст, конкретно селектирана на програмата за новинарство и документарен филм. Што научи таму за себе, за позицијата?
Енџи: Хелем Нејсе Талент Академијата и токму тој помин во Сараево пред неколку месеци е една од приказните кои никогаш нема да ги заборавам и секогаш кога зборувам за ова искуство се навраќам на инспиративни спомени. На талент академијата имаше пет програми, една од нив новинарство и документарен филм. Предавачи, професионалци од различни земји-универзитетски професори, режисери, визуелни уметници, сценаристи, новинари од Центар за истражувачко новинарство, БИРН БиХ, коментатори и водители на Олимписки игри, автори и водители на регионални поткасти несебично го споделија своето искуство, а практичната работа отвори можност за спознавање нешто сосема поинакво. Полна агенда и позитивно чувство. Сопствената позиција сами си ја одредуваме преку она кое сакаме да го проучуваме и дејствуваме. Зад оваа талент академија стои вредна екипа која точно знае да препознае и да воочи за одредени области што им е потребно на младите за понатамошен професионален развој. Моја препорака е да не се испуштаат вакви прилики кога ќе се пружи можност. Можноста да се биде селектиран на талент академии, тренинг академии и школи поврзани со одредени области се дел од себеистражувањето кое води до колективна промена и дополнителна можност за сосема нешто друго во иднина.

ТРН: Твојата појава како жива статуа ја префрли уметноста директно на улица, надвор од институциите и класичните сцени. Како ја гледаш улогата на street art во современото општество и дали улицата може да биде подеднакво моќен простор за уметнички дијалог како театарот?
Енџи: „Целиот свет е сцена, а сите мажи и жени се обични играчи. Имаат свои влезови и излези, еден човек во свое време игра различни улоги..“
Улицата нуди позитивни и негативни работи, работи кои не може секогаш точно да се предвидат и овој баланс е она што за мене е примамливо од областа на street art, жива статуа. Уличниот театар е одличен простор кој укажува дека актовите се дел од секојдневието, претставени од поинаков агол. Додека сите брзаат на работа, на кафе, во продавница, во училиште, живите статуи одат во насока на голема брзина на стоење. Публиката во регионот на едни од најголемите улични фестивали на кои учествуваат светски перформери одлично нѐ прифаќаат. На домашен терен, во Македонија, од година в година публиката ме радува кога ќе добијам прашање „Кога пак?“ и „Дали статуите ќе се поместат и ќе трепнат или не?“ Улицата е моќен простор и достапен за секој, терен на кој се отвораат различни теми и се избиструва видот и оддеднаш улицата се претвора во гледалиште.


ТРН: Монодрамата „КРИК“, изведена на фестивал за мали сцени, отвора силни лични и општествени прашања. Што за тебе значи „крикот“ – како актерска форма, но и како реакција на реалноста во која живееме? Со настапот со монодрама на фестивал во Сараево, твојата работа доби регионална видливост. Колку ваквите фестивалски искуства надвор од Македонија се важни за професионален развој и за градењето културни мостови во регионот?
Енџи: Неправеден крик-преку претставата сакав да дадам можност за глас на сите кои вриштат во себе, а општеството се прави дека не ги слуша. Монодрамата „Крик“ е моја дипломска претстава. Поттикната од случувањата во општеството, регионот, Европа во тој период заедно со моите професорки ја создадовме оваа монодрама. По дипломирањето, претставата продолжи да живее на скопската независна сцена, а потоа и беше селектирана на неколку фестивали.
Конкретно, со селекцијата во Сараево се исправив пред нов предизвик. Бев најмлада меѓу учесниците таа година и прва учесничка од Македонија на фестивал кој е постар од мене. Разговорите со врвни актерски имиња, со големо животно и професионално искуство и ден денеска ми одѕвонуваат.
Театарски, уличен фестивал секој посебен и исклучително важен за развој на професионално поле. Како на талент академиите така и на фестивалите надвор од Македонија, се носи и голема одговорност, бидејќи се тежнее да ја претставиш најдобро што можеш работата која ја работиш и државата од која доаѓаш. Средбите со колеги од секоја земја во светот, споредбите, анализите, разговорите се од непроценлива вредност, а селекцијата на таквите големи фестивали е дополнителен мотив.

ТРН: Во време кога сè се сведува на формат, видливост и алгоритам, ти избираш да работиш на различни сцени – од улица до фестивал, од телевизија до монодрама. Што за тебе денес значи да се биде автентичен и која одговорност ја носи тој избор во Македонија?

Енџи: Оние кои навистина се автентични, не се ни свесни за истото. Автентичноста доаѓа сама по себе, како плод од посветеноста, работата, образованието, менталната гимнастика кои водат до постојано (себе)истражување. Дополнителните алатки и она што го носи секое време со себе точно е дека може да помогне или да одмогне во работата, но сепак зависи од нас како ќе жонглираме.
Голем дел од општеството, повеќето избори ги оценуваат со предрасуди водејќи се по одредена сопствена рамка и правилник и тука се прават грешките и се тапка во место, додека дел од регионот и светот се пред нас. Сакам да верувам дека одредени негативни мисли и работи ќе се поправат и ќе отидат во другата крајност-со цел подобар колектив и место за дејствување.
