Претставници на Encyclopaedia Britannica (Енциклопедија Британика) поднесоа тужба против OpenAI пред федерален суд во Њујорк, тврдејќи дека компанијата неовластено користела нивни статии и дефиниции за обука на системи за вештачка интелигенција, меѓу кои и ChatGPT.
Во тужбата се наведува дека OpenAI копирал речиси 100.000 статии и одредници од енциклопедијата и други референтни материјали за да ги обучи своите модели на големи јазични системи, пренесува Ројтерс.
Од Британика тврдат дека одговорите што ги генерира ChatGPT понекогаш се „речиси идентични“ со оригиналните текстови, додавајќи дека таквата практика ги пренасочува корисниците од нивните веб-страници, со што се намалува интернет-сообраќајот и потенцијалните приходи од содржината.
Во тужбата се наведува и повреда на заштитен знак, бидејќи ChatGPT понекогаш ја наведува Британика како извор дури и кога одговорите содржат неточни информации.
Овој случај е дел од поширок бран правни спорови во индустријата на вештачката интелигенција, во кои автори, издавачи и медиумски куќи ги тужат технолошките компании поради користење заштитена содржина за обука на AI системи без дозвола.
Британика минатата година поднесе и слична тужба против стартап-компанијата Perplexity AI, која сè уште е во тек.
Компаниите што развиваат модели на вештачка интелигенција, пак, тврдат дека обуката на системите врз постоечки текстови претставува форма на таканаречена „фер употреба“, бидејќи содржината се трансформира во нови одговори генерирани од алгоритми.
Британика бара парична отштета, чиј износ засега не е објавен, како и судска одлука со која на OpenAI би му се забранило понатамошно користење на нивната содржина без дозвола.
Encyclopaedia Britannica е енциклопедија на општо знаење на англиски јазик која се објавува од 1768 година, а од 2016 година постои исклучиво во онлајн формат.