ЕМОФ Скопје 2025: Младите македонски кошаркари подобри од Германија во Баскет 3х3

Во рамките на третиот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, младите кошаркари и ја донесоа вкупно втората победа на Македонија на ЕМОФ, совладувајќи ја Германија во Баскет 3х3 со резултат 14:10. Најефикасен во нашиот тим беше Благојче Димитриовски со 10 постигнати поени, Ѓоровиќ постигна два, додека по еден реализираа Марковски и Стојановски. Во вториот натпревар што се играше вечерта, македонските кошаркари беа поразени од Литванија 17:19. Што се однесува до девојките, по синоќешната победа над Литванија 14:11, денеска убедливо беа поразени од Германија 4:21.

Во останатите екипни спортови, македонските репрезентации повторно останаа без триумф. Најблиску до победа беше машката кошаркарска репрезентација, која по продолжение загуби минамално од Летонија со 97:98, додека девојките беа декласирани од Германија со убедливи 18:91. Младите ракометари трет пат загубија, овој пат од Исланд со 27:36, додека ракометарките беа поразени од Норвешка со 23:31. Порази доживеаја и одбојкарските селекции, момчињата од Белгија со 0:3 и девојките од Турција 0:3.

Третиот ден го одбележа и стартот на натпреварите во маунтајн бајк, што се одржаа во Куманово. Во машка конкуренција триумфираше Ларс Пирс од Белгија со време 59:06 мин, додека кај жените златниот медал го освои Швајцарката Јаел Клаусер со резултат 55.56 мин.

Во фокусот на атлетските возбудувања во националната арена „Тодор Проески“ се најде натпреварувањето во машка конкуренција во скок со височина, во кое двајцата најдобри прескокаа иста височина од 2,15 метри. Поради помалку обиди за скок, златото му припадна на Гркот Харалампос Алвизатос, додека Чехот Војтех Зајичек со идентична прескокната височина мораше да се задоволи само со сребрениот медал.

Јере Пенти Филјами од Финска се закити со златниот медал во фрлање копје со фрлени 74,54 метри, додека во трката на 5 км брзо одење триумфираше Италијанецот Николо Видал со време од 20 минутри, 22 секунди и 43 стотинки.

Пливачките натпревари во Олимпискиот базен во Скопје исто така донесоа многу возбудувања. Во финалната трка на 200 метри мешано во машка конкуренција најбрз беше Британецот Остин манли со време 2:07.23 мин., додека на 100 метри слободно, до златото исплива Италијанецот Даниеле Фиорели со резултат 51.89 секунди.

Во трката на 200 метри пепрутка кај мажите триумфираше Арел Гултекин од Турција со време 2:00,33 мин, додека на 100 метри градно во женска конкуренција најбрза беше Унгарката Петра Пуза со резултат за злато од 2:30,75 мин.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни