„Емилија Перез“ и „Бруталист“ издоминираа на Златните глобуси

Филмот „Емилија Перез“ доминираше на доделувањето на наградите Златен Глобус, освојувајќи четири статуетки, меѓу кои и таа за најдобра комедија.

Вечерта на доделувањето на американските филмски и телевизиски награди во Холивуд го одбележа и крунисувањето на „Бруталист“, портрет на архитект кој го преживеа холокаустот и се обидува повторно да го изгради својот живот во САД. Филмот освои три Златни глобуси.

„Емилија Перез“, наградена во Кан и емитуван на Нетфликс, беше фаворит со десет номинации.

Покрај главната награда, музичката одисеја за родовата транзиција на мексикански трговец со дрога освои и награда за најдобар меѓународен филм, најдобра споредна женска улога за Зои Салдања и најдобра песна за француските уметници Камил и Клеман Дикол, кои ја компонираа партитурата.

Жак Аудијар, чија филмографија става фокус на маргиналните ликови, наградите им ги посвети на „сите оние кои денес се чувствуваат загрижени“.

Францускиот режисер ги повика да „кренат глави, да продолжат да се борат и да се надеваат на подобри денови“.

„Можеби можете да не ставите во затвор, можете да не победите, но никогаш не можете да ни ја одземете душата, нашиот отпор, нашиот идентитет“, рече Карла Софија Гаскоњ, трансродовата актерка која ја игра хероината на филмот.

Друг голем победник на вечерта, „Бруталист“ однесе многу престижна тројка – најдобра драма, најдобра режија за Брејди Корбет и најдобар актер, која му припадна на Адриен Броди.

„Бруталист“, кој трае три и пол часа, е оценет како ремек дело, а критичарите веќе го издигнаа на ранг на големи класици како „Кум“. Откако ги освои Златните глобуси, тој го консолидира својот статус пред претстојното доделување на престижните Оскари.

Реализацијата на „Конклава“ за интригите во Ватикан ја доби наградата за најдобро сценарио.

Златните глобуси во своите награди ги издвојуваат комедии и драми.

Тие се реформираа во последниве години, по огромниот скандал откриен во 2021 година околу корупцијата и расизмот меѓу нивните членови. Нивното жири значително се прошири, со повеќе од 200 нови членови од целиот свет. А тоа се покажа и во останатите освоени награди.

Бразилската актерка Фернанда Торес доби Златен глобус за најдобра актерка пред Анџелина Џоли за улогата на оперската дива Марија Калас, Никол Кидман за улогата во филмот „Babygirl“, Кејт Винслет и Памела Андерсон.

Доделувањето на наградите Златен глобус ја започнува сезоната на филмски награди во Холивуд.

Златните глобуси, американска филмска награда што ја доделува Холивудската асоцијација за странски печат (HFPA) од 1944 година, често е показател за тоа кои филмови ќе го добијат престижниот Оскар. Овогодинешното 97. доделување на Оскарите ќе се одржи на 3 март.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни