Во објава на платформата Х (поранешен Twitter), Маск напиша:
„Епл се однесува на начин кој прави невозможно за било која друга AI компанија освен OpenAI да стигне на првото место во App Store, што е недвосмислено кршење на антимонополските закони. xAI ќе преземе итна правна акција.“
Претходно истиот ден, тој директно ја прозва компанијата:
„Зошто @Apple App Store одбива да ги стави X или Grok во делот ‘Must Have’ кога X е апликација број 1 за вести во светот, а Grok е петти меѓу сите апликации? Дали играте политика?“
Алтман со ироничен одговор
OpenAI, ко-основана од Маск и Алтман во 2015 година, сега е негов жесток конкурент. На обвинувањата, Сем Алтман одговори саркастично:
„Ова е навистина забележително тврдење, имајќи предвид што сум слушнал дека Елон прави за да го манипулира алгоритмот на Х во своја корист и на штета на конкурентите и луѓето што не ги сака.“
Маск, кој според медиумски извештаи ја прилагодувал препорачаната содржина на Х за да ги фаворизира сопствените објави, не остана должен:
„Доби 3 милиони прегледи на твојот срамен пост, лажго, многу повеќе отколку што имам на многу од моите, иако имам 50 пати повеќе следбеници!“
Алтман возврати неколкупати, нарекувајќи го ова „skill issue“ или „работа на ботови“, а потоа го предизвика Маск:
„Ќе потпишеш ли изјава дека никогаш не си наредил промени во алгоритмот на Х со цел да наштетиш на конкурентите или да им помогнеш на своите компании? Ќе се извинам ако го сториш тоа.“
Контекстот зад конфликтот
Ривалството меѓу Маск и Алтман има длабоки корени. Маск ја напушти OpenAI во 2018 година, откако неговата идеја за преземање на компанијата била одбиена од останатите основачи, а подоцна го повлече и планираното финансирање. Оттогаш, Маск двапати ја тужеше организацијата, обвинувајќи ја за „измама од шекспировски размери“ поради преминот кон профитно претпријатие. Алтман, пак, јавно го опиша Маск како „огорчен и љубоморен“ поради успехот на OpenAI по неговото заминување.
Дали „Епл“ фаворизира?
Во моментов, ChatGPT на OpenAI е број 1 во делот „Top Free Apps“ во американскиот App Store, додека Grok на xAI е на петтото место. „Епл“ и xAI одбија да коментираат, но познато е дека Apple има партнерство со OpenAI за интегрирање на ChatGPT во iPhone, iPad и Mac уредите.
Сепак, корисниците на Х преку алатката Community Notes посочија дека и други апликации стигнале на врвот годинава – кинеската AI апликација DeepSeek во јануари и Perplexity во Индија во јули – и двете по склучувањето на партнерството меѓу Apple и OpenAI.
Дури и Grok, сопствената AI на Маск, на прашањето кој е во право во спорот, одговорил: „Врз основа на проверени докази, Сем Алтман е во право.“
Притисок врз „Епл“ од регулаторите
Обвинувањата на Маск доаѓаат во момент кога регулаторите и конкурентите ја засилуваат контролата врз монополот на „Епл“ врз App Store.
Почетокот на годинава, Европската унија ѝ изрече казна од 500 милиони евра поради ограничувања кои им пречеле на развивачите да ги упатуваат корисниците надвор од App Store. Министерството за правда на САД, пак, во 2024 година поднесе антимонополска тужба против „Епл“, обвинувајќи ја за „широк, постојан и незаконски монопол врз пазарот на смартфони“.
Како и да заврши правната закана на Маск, јасно е дека борбата за доминација во вештачката интелигенција и контрола врз пристапот до корисниците само што започна – а фронтовите се отвораат на повеќе полиња, од судниците до социјалните мрежи.