Елма Дервишовска e млада жена од Прилеп која и покрај сета дискриминација, предрасудите и тешкотиите со кои се соочуваат жените, особено Ромки во малите средини, успеа да го оствари својот сон и да отвори мал дуќан во чаршијата во Прилеп. Ведра, насмеана и среќна Елма го грaди својот пат кон успехот, скромно но среќно.
– Почнав прво од дома да работам. Сопругот посака да пробаме и во чаршија. И почнавме, изнајмивме дуќан. Почнавме да работиме и слушнавме за организацијата Рома Перспектив. Не поттикнаа да аплицираме за проектот на УСИД. Прифативме. Почнавме да соработуваме и стасавме до тука. Чекор по чекор. На почетокот изгледаше се премногу тешко, ама не е воопшто така. Отсекогаш сакав да имам свој сопствен бизнис и го постигнав тоа. Сакав нешто што нема во градов. Да немам конкуренција. Најдовме дуќан, го изнајмивме, го средувавме. И така останав во чаршијата затоа што знам да се однесувам со луѓето, да ги услужам на најдобар начин, да зборувам со нив. Планирам да продолжам со работата и да го проширам бизнисот. Иако постојано сме ние како Роми дискриминирани, откога дојдовме овде по дуќаните малку се вклопуваме, ама сето тоа зависи од карактерот на еден човек. Би им препорачала на сите, да не одат од Македонија, да останат тука, да отворат свој сопствен бизнис. Да ризикуваат- вели Елма
Регионалниот проект финансиран од ЕУ преку кој е реалзиран сонот на Елма е поддржан од УНДП и се развива и во Србија и Албанија со цел зајакнување на локалните и националните системи за ефикасна реинтеграција на повратниците во матичните земји, со посебен фокус на Ромите. Проектот, со поддршка на националните партнери, се фокусира на креирање механизми за поквалитетни и поефикасни сервиси за комплетирање на основно образование, посета на сертифицирање стручни обуки, основање свој бизнис, вадење документи со цел социјална кохезија и активно и квалитетно социо – економско вклучување на Ромите во општеството.
Во нашата земја, трите пилот општини– Шуто Оризари, Прилеп и Штип се селектирани според наодите и критериумите презентирани во анализите на домашни експерти базирани главно на процент на Роми и број на повратници кои живеат во општините, проценка на капацитетите на општините и невладиниот сектор и економските потенцијали за вработување на локално ниво.
Според Еуростат, во последните 10 години вкупно 17.500 лица од Република С. Македонија побарале азил во земјите на Европска Унија, од кои што најголем дел се Роми. Се прогнозира дека бројката е уште поаларматна, пред се поради бројот на лицата кои сезонски заминуваат во ЕУ и доброволно се враќаат.