Елиминација на формите на дискриминација врз жените

Новиот Закон за родова еднаквост има цел да придонесе да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотите преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, нејзин еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки. Со овој закон се уредуваат мерките за остварување на родовата еднаквост, примената на родовата интеграција, надлежностите и обврските на субјектите одговорни за спроведување на законот, родовите механизми и начинот на следење и известување за резултатите од спроведувањето на законот.

Законот, по добиените препораки и предлози по одржаните јавни консултации, е во фаза на финализација од страна на групата во Министерството за труд и социјала (МТСП), во која членуваат преставници од други институции, меѓународни организации, универзитетски професори и преставнички од граѓанските здруженија меѓу кои и од Платформата за родова еднаквост. Законот се подготвува веќе три години, што зборува за неговата сериозност и опсег, а предвидено е да се донесе до крајот на оваа година. За овој закон има широк консензус од сите политички партии, но и силна поддршка од агенциите на ООН, Делегацијата на ЕУ, ОБСЕ и други меѓународни фактори.

Три механизми за идеалот родова еднаквост

Активистките вклучени во спремање на законот укажуваат дека родовата еднаквост е идеал за чиешто постигнување е неопходно многу време, многу промени, вложувања и учења, а пред сè, потребно е и следење на тоа што се случува во општеството и дали мерките кои се користат даваат резултат или пак е потребно да се зајакнат или променат. Александра Цветановска од Здружението на млади правници потсетува дека заложбите почнуваат од 1979 и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените и општите препораки со кои одредбите на Конвенцијата се толкуваат низ призмата на актуелните прашања и развој на општеството,  па следува Конвенцијата на Советот на Европа за борба и спречување на насилството врз жените и домашното насилство која кај нас стапи на сила во 2018 година, и секако – ЕУ директивите со кои се уредуваат аспекти кои директно влијаат кон зајакнување на родовата еднаквост, кои се носат од 2006 година до денес –во декември 2022 се усвои Директивата 2022/2381 за подобрување на родовата рамноправност помеѓу директорите на компаниите кои котираат на берза.

Александра Цветановска

Токму овој континуитет во заложбите за постигнување родова еднаквост не носи до последниот закон, кој според нашите соговорници има целосна смисла и овозможува поинакво практицирање на политиките. 

Пратеничката Санела Шкриељ, која има искуство во областа, напоменува дека трите нови механизми ќе овозможат зајакната положба на жената во општсетвото.

„ Еден од механизмите е Секретаријатот за родова еднаквост, кој како највисоко тело ќе ја координира и следи работата на институциите и локалната самоуправа во остварување на нивните обврски. Втор е Ресурсниот центар, којшто е всушност тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање. И третион нов механизам е Советот за родова еднаквост, во кој е предвидено да има претставници на Комисијата за родова еднаквост и од Клубот на жени пратенички од Собранието, Народниот правобранител и од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ЗЕЛС, претставници од здруженијата на граѓани и фондации кои работат во областа на родовата еднаквост, претставници од академската заедница, медиумите и здруженијата на медиумите.“- насочува Шкриељ кон структурата на мехазнизмите кои би требало да ја гарантираат родовата еднаквост. 

Санела Шкријељ

Системско вклучување на родот и родовата еднаквост

Во 2012 година беше донесен Закон за еднакви можности на жените и мажите, а потоа двете негови анализи произведоа предлози за измени за да се унапреди нормативната рамка која ги уредува обврските на институциите и механизмите за родова еднаквост на централната и локалната власт заради обезбедување поефикасен и ефективен одговор на родовата нееднаквост. Затоа новиот закон се фокусира на промените во статусните позиции, општествени улоги и на релации на моќ помеѓу мажите и жените разбрани како најопшти категории засегнати граѓани од политиките, притоа не исклучувајќи ги граѓаните кои не се идентификуваат како мажи или жени. 

Од ХЕРА сметаат дека надминувањето на разликите во видливоста, вреднувањето, одговорноста, третманот, можностите, учеството, пристапот и контролата врз ресурсите и моќта во сите сфери на јавниот и приватниот живот на жените, мажите и луѓето со разновидни родови идентитети, треба да произлезат како ефект од системско и систематско вклучување на родот и родовата еднаквост како категорија за анализа и отчет во рамките на редовните процеси на креирање, спроведување и следење на резултатите од политиките, буџети и работата на субјектите. 

Бојан Јовановски

„За да се обезбеди ова, новиот Закон обезбедува експлицитна, подеднакво елаборирана обврска за секој субјект на секое ниво на власт за справување и со актуелната, но и превенирање на идна родова нееднаквост со поконкретни оперативни насоки за дејствување од сите субјекти од јавен интерес кои се обзврзуваат да воведуваат и спроведуваат како општи, така и специфични мерки за подобрување и унапредување на родовата еднаквост во земјата согласно нивниот мандат и во сите сфери на делување, било да станува збор за социјалната заштита, здравството, правосудството, работните односи, владееењето на право и човековите права итн. Секој од субјектите има обвска да ги детектира родовите нееднаквости, и преку анализа на причините за таквата состојба и проценка на најсоодветните решенија да утврдува цели и мерки на политики кои ќе обезбедат зајакнување и скроен одговор на специфичните засегнатости и потреби на жените, надминување на родовиот јаз во учеството, пристапот до услуги и придобивките од управувањето со ресурсите и моќта присутен во речиси сите општествени области во државава, и развој кој обезбедува политичка, економска и социјална безбедност, благосостојба за жените, мажите и луѓето со разновидни родови идентитети“- пренесуваат свои мислења Марија Савовска од Акција Здруженска и Бојан Јовановски од ХЕРА.

Марија Савовска

Образование за родот, родовите улоги, еднаквоста…

Двајцата посочуваат пример со статусот на Ромките ако се знае дека мерките за вработување не се искористени, Агенцијата за вработување ќе треба да креира поразлични мерки за да можат навистина да почнат да ги користат, односно за да може од декларативна заложба да се премине кон суштинска промена и подобрување на квалиетот на живот за Ромките. Или, пак, да се воведе сексуалното образование, инаку предвидено како мерка за унапредување на родовата еднаквост, за да се поттикне преиспитување и менување на штетните општествени норми, стереотипи и предрасуди кои негативно влијаат на квалитетот на живот и искуствата на младите. Правото на образование треба да подразбира и правото на едукација за прашања поврзани со родот, родовите улоги, еднаквоста, инклузивноста, недискриминацијата. Во областа на образованието, со овој закон ќе се бара поголема одговорност за квалитетот и содржината на наставните материјали т.е. што се учи, низ какви примери, како се претставени родовите улоги, дали јазикот е родово сензитивен и слично.

Образованието во однос на овие прашања се наметнува како клучно за да се обезбеди континуитет на родовата еднаквост и доследна примена на законот кој за крајна цел ја има целосната еднаквост. 

„Жените кај нас се уште се ставени во понеповолна положба споредбено со мажите и тоа во општествена, политичката, социјалната и економската сфера и многу често се жртви на дискриминаторски третман токму по основ на род.  Во последно време многу е зачестена е појавата во медиумите, политичката реторика каде што се упатуваат навредливи и омалуважувачки коментари врз основа на пол, род и родов идентитет.  Во согласност со законот ќе се изготват и донесат документи како што е Национална стратегија за родова еднаквост и други кои што во значителна мера ќе направат за подигнување на јавната свест.“- ја анализира актуелната состојба, Александра Цветановска од Здружението на млади правници. 

Потполна еднаквост или ништо

Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права пренесува некои од предлозите кои значително ќе влијаат за подобрување на статусот на жените. Во фокусот и е потполната еднаквост која е всушност еднакво фактичко уживање на граѓанските, политичките, економски, социјални, културни и солидарносни права, еднаква моќ, еднаква распределба на општествените добра и користа од нив помеѓу жените, мажите и лицата со различни родови идентитети во сите сфери на приватниот и јавниот живот. 

Наташа Петковска

Со законот нема само институциите да имаат обврска да се грижат за родовата еднаквост, туку тој е неопходно да ги вклучи сите правни субјекти кои ќе мора да ја унапредуват родовата еднаквост. Тие ќе треба да обезбедат еднаква плата за иста работа и да се воздржат од форми на дискриминација врз основа на пол, род и родов идентитет, бременост и мајчинство.  Тие еднакви плати ќе треба да бидат транспаретни. Понатаму, правните субјекти ќе треба да имаат мерки за воспоставување рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот, мерки за заштита од сексуално вознемирување и родово засновано насилство, да изрекуваат дисциплински мерки и да овозможат постапка со жалби. И на крајот, да овозможат учевство на жените во своите органи и тела. 

Несомнено дека на крајот овој закон ќе треба да ги искорени стереотипите и предрасудите за инфериорноста на жените.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни