Во Europe House во Скопје се одржа официјалниот настан за почеток на кампањата во рамки на проектот ELeVATE – Women in Net-Zero Technologies (SEB), насочен кон поддршка на девојките и жените во зелените и одржливи професии. Од организаторите најавуваат дека од следната недела ќе бидат објавени модулите за обука и сертификација на учесниците.
Настанот се одржа на 11 февруари, кога се одбележува Меѓународниот ден на жените и девојките во науката – ден посветен на признавање на придонесот на жените во научните и технолошките области и на поттикнување поголемо учество на девојките во науката, истражувањето и иновациите.
Проектот ELeVATE е финансиран од Европската комисија преку централизираната компонента на програмата Erasmus+ и има за цел да ја зголеми вклученоста на жените во енергетиката, зелените технологии и паметните решенија за објекти, како дел од пошироката транзиција кон „net-zero“ економија.
На настанот учествуваа претставници од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од заменик-министерството за европски прашања, од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, од Women in Tech North Macedonia и од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Говорниците ја истакнаа потребата од поголема застапеност на жените во зелените и технолошките професии и ја нагласија важноста од создавање конкретни можности за образование, обука и кариерен развој. Дел од нив најавија дека ќе се вклучат како ментори и примери за поддршка во претстојните работилници со девојки и жени.
Во рамки на настанот беа споделени и лични искуства од претставници на технолошката заедница и граѓанскиот сектор, со фокус на надминување на бариерите преку знаење и институционална поддршка.
Со официјалниот почеток на кампањата, проектот продолжува со реализација на работилници, менторски програми и активности за сертификација, со цел поттикнување на учество на девојки и жени во зелените, енергетските и net-zero сектори.
