Јас отсекогаш сум се трудела во сите проекти да вметнам нешто што е различно од се останато, без разлика дали е тоа парче мебел, боја, техника, матријал итн. Уште од првите проекти до актуелните во моментов се трудам да ја одржам таа еклектичност и многу сум горда кога клиентите на почетокот на работата ќе кажат дека го разгледале сајтот и сакаат баш Метатет да им го работи проектот затоа што знаат како да го направат различен просторот и да му дадат душа задржувајќи нешто старо и автентично што веќе било тука од претходно.
Од храбра одлука донесена без прецизен план, до создавање на препознатлив бренд во светот на архитектурата и ентериерниот дизајн – патот на Елена Мартиновска е приказна за спонтаност, истрајност и лична визија. Иако нејзиниот почеток делува како „тотална лудост”, како што самата ќе каже, токму таа искреност и подготвеност да се учи низ искуството ѝ овозможија да изгради професионална приказна што инспирира.
Со диплома од Архитектонски факултет, богато фриленс портфолио и студиски проекти, Елена денес успешно води сопствена фирма, со јасен фокус на квалитетна архитектура и професионална комуникација. Во ова интервју разговараме за нејзините почетоци, предизвиците на водењето бизнис, и реалноста зад креативната индустрија — онаа што често останува зад кулисите.
Трн: Како една млада жена четири години по дипломирањето, во 2012 година се одличи да отвори свое студио? Колку од сегашна перспектива тоа беше лудост и предзивик?
Елена: Од сегашна перспектива тоа е тотална лудост и незнаење во што се впуштам, меѓутоа се случи многу спонтано, без план. Јас по природа сум мултитаскинг личност и уште пред дипломирањето работев во неколку компании од областа на градежништвото, а секогаш после работа како втора смена работев фриленс проекти (ентериери на станови, кафичи, продавници и сл.). Во компаниите стекнав различни исуства како градежна администрација, решавање на фасади, продажба, проектирање и друго, но можеби најважно од сè што научив досега е каква НЕ сакам да ми биде работната атмосфера додека креирам. И така, од еден по еден проект за блиски, почнаа да ме препорачуваат и по референца, па ми се собра многу работа и решив да започнам нешто свое. Следуваше лансирањето на сајтот каде што ќе можев да покажувам што сум направила, бидејќи тогаш ја немаше оваа експанзија на социјалните мрежи, и тоа до ден денес ми остана како посериозен и репрезентативен приказ на проектите што вредат да се покажат. После неколку години работа, се покажа дека е потребно да се основа фирма како правно лице, и секако да се има простор за состаноци и презентација на проектите. Подоцна, се јави потреба од вработен, и едно по едно си се наместија коцките. Меѓутоа, од денешна перспектива, мислам дека ми недостасуваше претприемачкиот момент, некој кој би ми воочил што значи водење на фирма, дека не бара само да си добар архитект и да си вреден, туку дека има многу фактори вклучени во водењето на проектите. Јас тоа секогаш го кажувам – една третина од трудот е да ја фатиш работата, една третина е да ја сработиш и една третина е да ја наплатиш. На крајот на денот од секој проект креативата е многу мал дел, другото е комуникација со институции, мрежа на луѓе и многу голем дел од времето е фокусирано на решавање на проблеми.
Трн: Дали се сеќаваш на првиот проект што го реализиравте? Какво беше тоа искуство?
Елена: Искрено, не знам што било прво потпишано како Метатет. Би рекла ентериерот на ноќниот клуб Сектор 909 во 2010 година, еден од оние проекти коишто ги работев попладне и навечер. Искуството беше дека толку многу се занимавав со детали, бои и материјали мислејќи дека сето тоа ќе биде видливо, а откако почна да работи клубот сфатив дека ништо од тоа не е важно за посетителите на просторот. Најважно дека извлеков поука да ја гледам поголемата слика за да го направам концептот и да знам на што да посветам повеќе внимание.
Трн: Твоето мото е дека дизајнот е начин на решавање проблеми. Како изгледа тоа во твојата секојдневна пракса?
Во мојата секојдневна пракса тоа е секојдневна борба, покрај сите предизвици да успеваш да најдеш начин да се изразиш креативно, да е задоволен клиентот, да се заврши сè во предвидениот рок и да е исплатлив проектот. Тоа е еден круг што се повторува со секој нов проект, ама ако не си најдеш светла точка во него, тогаш не би имал желба за работа. Затоа за мене тоа е дизајнот којшто ме води низ целиот процес.
Трн: Дали постои нешто што можеме да го наречеме „потпис на Метатет“?
Елена: Да, постои. Јас отсекогаш сум се трудела во сите проекти да вметнам нешто што е различно од останатото, без разлика дали се работи за парче мебел, боја, техника, материјал, итн. Уште од првите проекти до актуелните во моментов, се трудам да ја одржам таа еклектичност и многу сум горда кога клиентите на почетокот на работата ќе кажат дека го разгледале сајтот и сакаат баш Метатет да им го работи проектот, затоа што знаат како да го направат различен просторот, но и да му дадат душа, задржувајќи нешто старо и автентично што веќе било тука од претходно. Има многу дизајнери што креираат простор и сето тоа изгледа како да ти го одзема здивот заради димензијата на просторот и употребените материјали, ама јас многу често го чувствувам она што недостига и најчесто знам што би изменила. Мислам дека тоа парче што недостига успеваме многу добро да го протнеме во секој еден проект – нашата уникатност.
Трн: Како го градите тој тимски дух и соработка помеѓу инженерите и дизајнерите?
Елена: Како што претходно кажав, ако нешто цврсто решив при почетоците на основањето на фирмата, тоа беше дека работната атмосфера ќе ми биде убава и дека ќе ја делам со луѓе што сакам да ги гледам секој ден. Кај нас е многу важно секој понеделник да има свежо цвеќе, да има убава музика во позадина додека работиме и секако мирис на вкусно кафе во изобилие. Просториите на Метатет ние не ги проектиравме, туку се изградија сами постепено како што се ширеа потребите од предметите, а боите и материјалите сами си доаѓаа. Нашиот тим е многу константен. Ако Метатет официјално постои 13 години, една од колешките Маријана Манчевска е веќе 9 години дел од него, а другата колешка Фросина Ангелеска е дел од нашиот тим повеќе од 5 години. Тие активно учествуваат во градењето на името на Метатет и имаат одврзани раце за донесување одлуки и давање смeли предлози во однос на дизајнот и концептот на проектите. Многу од блиските соработници знаат да се пошегуваат дека после толку време и невреме поминато заедно почнуваме да си наликуваме една на друга. Инаку имаме широк дијапазон на инженери соработници коишто ги ангажираме по потреба за проектите што ги работиме од областа на архитектурата, како на пример за електрика, машинство, водовод и канализација, изведба на ентериери и цели објекти.
Трн: Како гледаш развојот на архитектурата во Македонија во последната деценија?
Елена: Со градежната експанзија во државата, во последнава деценија се отвори поголем простор за работа во градежништвото и се чувствува дека е крената свеста на инвеститорите, односно дека им е јасна улогата на архитектот во проектот. Истовреме е појасна и одговорноста на носителот на проектот, меѓутоа сè уште постои прескокнувањето на чекори и стремежот сè да се заврши побрзо и полесно, што на крај резултира со повеќе потрошена енергија и надминат рок. Иако Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија донесе ценовник за инженерските услуги, сè уште се работи за пониски цени. Во ценовникот има една ставка која се вика координација на проект и според мене таа треба да биде повисока,бидејќи најлесниот дел од проектот е проектирањето, а потешко е да ги изменаџираш сите фазисти и да ги преклопиш сите фази, како и да ги искорегираш сите неуспогласени детали.
Што се однесува до работата на проектите за ентериерно уредување, сè уште нема ни најава за ценовник ниту регулирање на тој тип на дејност, иако сè поголем број на инвеститори се решаваат да ангажираат стручно лице и има сè повеќе дизајнери независно дали се излезени од шумарски факултет или архитектонски или се со курс од некоја приватна академија. Проблемот со овој тип на нарачки е што никогаш не е јасна границата меѓу проект и изведба. Ако зборуваме за проектот, имавме искуство со нарачки на проекти во Берлин, Виена и други европски градови кадешто јасно се договараме од старт колку рендери добиваат и што се нашите обврски и никој никогаш не ја премина границата. Дури и двајца од клиентите од Берлин ни пратија фотографии од нашиот изведен проект со локални фирми, без да постават ниту едно прашање, и кажаа дека локалните фазисти им пренеле дека проектот содржел сè што било потребно за изведба.
Кај нас секогаш е потребно уште нешто, дали повторна измена на рендер, дали детал, дали посета на терен, дали состанок и крајот на проектот секогаш е поместен, а многу често и нема крај, па должни сме и да поработиме на одржувањето на објектот откако ќе се пушти во употреба (секако, со чест на исклучоци!). Овој проблем е резултат на менталитетот во многу области не само во нашата. Мислам дека ако секој би си ја работел само својата работа и би плаќал за секоја услуга што ја побарува, тогаш сите ќе работевме и ќе наплаќавме колку што чини нашата услуга.
Трн: Дали младите архитекти денес имаат доволно простор и поддршка да се развиваат?
Младите со развојот на технологијата денес го имаат целиот простор на светот, а поддршка за развој веќе си прават сами преку работата. Во денешно време гледам профили на интернет што изгледаат супер моќно и надежно, а ги снемува за неполна година. За истрајност треба и повеќе трпение и упорност. Не е доволно само да се научи софтвер и да се земе диплома, туку треба и да се избуткаат проектите во реалноста не само со рендер да се собираат следбеници и допаѓања. За овој тип на работа мора прво да се собере искуство и да се научат да се решаваат конструктивни детали, да се научи од каде да се обезбеди материјалот, начинот на монтажа, редоследот на фазите, стандардите коишто не сме ги научиле на факултет и мал милион фактори за како предложеното да се изведе.
Трн: Каде ја гледаш улогата на архитектурата во градење поквалитетна животна средина – и буквално и симболички?
Елена: Ако зборуваме за буквално тогаш во градењето на поквалитетна животна средина учествуваме сите, и ние инженерите како стручни лица во поставувањето на проектот со сите параметри и ивеститорите како составувачи на проектната програма. Меѓутоа, кога доаѓа делот со кратење на трошоци, тогаш многу често знае да настрада некоја ставка што е од клучна важност за животната средина и што влијае на сите, како на сопственикот на просторот, така и на околината. Симболички, наше е да ги почитуваме правилата на проектирање и да се држиме до нив, а во денешно време претежно инвеститорите ги диктираат правилата и ние, за жал, потклекуваме многу лесно во интерес на проектот. Затоа сметам дека треба да се потрудиме да се држиме повеќе до своите ставови, за што би требало да имаме и некаква поддршка од државата и институциите надлежни за заштита на животна средина.
Трн: Кој е твојот совет до младите архитекти(особено жени) или дизајнери што сонуваат да основаат свое студио?
Елена: Мојот совет е, како што кажав претходно, на страна од креативноста и желбата за работа, да истражат и да се посоветуваат малку повеќе со поискусни за водење на бизнис, за менаџирање на трошоци и проекти. Ако некој сака да почне да работи свое студио, мора прво да оди некаде да поработи во некое студио за да види од што се состои целиот проект, да научи што е Извод од ДУП, да научи да чита имотен лист, да научи да состави технички опис, итн. Според мене, пропратните работи се побројни и потешки отколку самиот приказ на дизајнот, којшто е побаран од тебе како инженер, иако тоа нешто можеби личи дека премногу го ставам во втор план, меѓутоа јас сметам дека зборуваме за лица коишто се подразбира дека ја имаат креативата во себе.
Трн: Што е следниот голем предизвик?
Елена: Следниот голем предизвик е да почнеме да работиме проекти во поголеми размери, колку што дозволува нашата држава, да бидеме пример за тие што почнале подоцна од нас да работат и сите да почнеме повеќе да читаме закони и да ги следиме правилата, за конечно колективно да ставиме крај на овој неред што се случува заради кој страдаат невини луѓе, бидејќи сите заедно го градиме системот, ние како овластени инженери сме дел од тој синџир и до некаде имаме моќ да учествуваме во дефинирањето на правилата.