Електронско здравствено досие за секој пациент, рецепти и упати без хартија

Пациентите наскоро ќе можат да одат на лекар само со лична карта. Се најавува дигитално здравствено досие и електронски рецепти.

Рецептите, упатите, извештаите и целата медицинска документација треба да преминат во целосно дигитален режим, со законски измени со кои електронскиот документ ќе стане рамноправен и официјален, без обврска за печатење на хартија. Со најавените измени на Законот за евиденции од областа на здравството, пациентот ќе може да оди на лекар само со документ за лична идентификација, а лекарот ќе има пристап до здравственото досие и здравствениот историјат во системот.

Хартиена документација би се користела само како привремено и исклучително решение – во ситуации кога ќе има прекин на системот. Во исто време, сите јавни и приватни здравствени установи би морале да работат со систем усогласен со националниот систем, со што се затвора просторот за паралелни и неусогласени софтверски решенија што ја кочат размената на податоци.

Клучната новина што се најавува е електронско здравствено досие за секој пациент, како централен извор на здравствени податоци: прегледи, резултати, упати, рецепти и услуги што би се бележеле во еден систем. Намерата е да се овозможи поефикасно следење на состојбата на пациентите и покоординирана здравствена грижа, без „губење“ документи меѓу различни ординации и установи.

Паралелно, се најавува и вградување на телемедицината во здравствените услуги како рамноправна услуга со традиционалните прегледи. Предвиден е пилот-проект што би стартувал меѓу Скопје, Дебар и Делчево, со два модели: создавање локални центри каде пациентот физички би доаѓал и преку видео-врска би се консултирал со специјалист во Скопје, како и мобилна апликација што би се поврзувала со матичниот лекар, за консултација и препишување терапија и на далечина.

Во позадина на реформата е и најавата за национален хардверски центар во просториите на Министерството, како и продолжување и надградување на „Мој термин“. Законското решение, како што беше најавено, во следните денови треба да биде поставено во Националниот систем ЕНЕР, а дигитализацијата се врзува и со поширока иницијатива за усогласување на повеќе закони од здравството, за да се избегнат недоречености и злоупотреби што со години го кочат системот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни