Во денови кога новогодишните и божиќните празници нè потсетуваат на љубовта, грижата и заедништвото, хуманитарниот божиќен базар „ELA во Погон“ се претвори во вистинско празнично чудо. Настанот, исполнет со детска радост и искрена хуманост, годинава го запиша своето име како најуспешниот базар досега во организација на ELA – English Language Academy, академија за странски јазици.
Со срца поголеми од нивните години, учениците на ELA преку свои рачни изработки, честитки и креативни подароци успеаја да соберат средства со кои беа донирани повеќе од 230 постелнини и пижами за дечињата на Клиниката за детска хирургија. Зад секоја донација стои детска насмевка, топла мисла и искрена надеж дека празниците ќе донесат радост и спокој таму каде што е најпотребно.
Од Клиниката за детска хирургија упатија искрена благодарност до ELA и до сите учесници на базарот, нагласувајќи дека донацијата е примена со голема радост и дека ваквите гестови претставуваат неизмерна поддршка и охрабрување – не само за најмладите пациенти, туку и за медицинскиот персонал.
Тимот на ELA со длабока емоција и благодарност им се поклонува на сите кои беа дел од „ELA во Погон“ – родителите, посетителите, пријателите и поддржувачите. Посебна благодарност и гордост, како што истакнуваат, чувствуваат токму кон своите ученици.
„Овој базар не е само наш најуспешен досега, туку јасно ја отсликува мисијата на ELA. Иако сме академија за странски јазици, подеднакво ги учиме и вредностите кои го градат човекот. Секоја година, базарот ни дава мотивација погласно да шириме добрина и уште похрабро да создаваме надеж“, порачуваат од ELA.
„ELA во Погон“ уште еднаш покажа дека најтоплата светлина доаѓа од детските срца, а дека вистинските вредности не се учат само преку зборови, туку преку дела што оставаат трага.
