Екстремните температури се критични за штрковите во Македонија

Актуелниот топлотен бран во Гевгелиско со температури над 40°C создава критична ситуација за штрковите, кои се соочуваат со дехидрација. МЕД апелира до граѓаните да остават длабоки садови со вода во дворовите и јавни места за да им помогнат на птиците. Поливањето со црева е несоодветно и предизвикува стрес, па се препорачува вода во садови од каде штрковите сами ќе пијат.

Aктуелниот топлотен бран кој го зафати гевгелискиот регион претставува сериозна закана за штрковите и сите птици. Температурите кои достигнуваат над 40 степени целзиусови создаваат критична ситуација за птиците, кои се соочуваат со дехидрација и пад на земја поради екстремната топлина.

Од  МЕД (Македонско Еколошко Друштво) повикуваат граѓаните да помогнат во спасувањето на штрковите со тоа што ќе остават длабоки садови со вода во дворовите, на терасите, на јавни места и насекаде каде што птиците можат да пристапат. „Ова е едноставен, но ефикасен начин да се помогне на штрковите во овие критични моменти“, велат оттаму.

Од МЕД исто така потенцираат дека поливањето со црева на штрковите е несоодветен начин за справување со дехидрацијата, бидејќи може да предизвика стрес кај птиците. Наместо тоа, тие препорачуваат поставување на длабок сад со вода од каде што штрковите сами ќе се напијат онолку вода колку што им е потребно во моментот.

Пребројувањето на штрковите и нивните гнезда

Пребројувањето на гнездата на штрковите е од клучно значење за следење на популацијата и здравјето на овие птици. Во 2015 година, беа пребројани 817 активни гнезда, во кои живеат вкупно 3.661 штрк. Во Кочанското поле, штрковите се најгусто населени, со повеќе од 2 штрка на квадратен километар. Особено значајно е општината Чешиново Облешево, каде што се пребројани над 70 активни гнезда, меѓу кои и најголемото гнездо со пречник од 3,2 метри, кое се наоѓа во село Чешиново.

На територијата на Македонија од претходниот попис има вкупно 27 колонии на штркови погодни за парење. Овој попис ја покажа и промена во екологијата на белиот штрк. Споредено со пописот од 1958 година, се забележува дека штрковите сега претпочитаат да гнездат на високонапонските далноводи, што претходно не постоеле низ државата. Гнездењето на објекти за домување е намалено за половина, а белиот штрк веќе речиси и не гнезди на дрвја и на кровови.

Согласно European Stork Cenzus, пребројувањето на штрковите да се прави еднаш на секои 10 години, Македонското еколошко друштво (МЕД) повторно започна со акцијата за пребројување на гнездата на штрковите во Македонија. Оваа година, според првичните проценки, се очекува бројот на гнезда да надмине оној од 2015 година, кога беа регистрирани 817 гнезда. Од МЕД велат дека ова е податок што радува, бидејќи присуството на штрковите е индикатор за животната средина.

Штркот е една од најфасцинантните птици, не само поради неговиот изглед и животен циклус, туку и поради тоа што неговото присуство секогаш значи радосна вест. Овие птици, кои се симбол на нов живот и пролет, често живеат во близина на луѓето и оформуваат семејни гнезда. Еден пар штркови останува заедно до крајот на животот, што алудира на цврсти семејни врски.

Оваа година, според првичните проценки, се очекува бројот на гнезда да надмине оној од 2015 година, кога беа регистрирани 817 гнезда со вкупно 3.661 штрк. Во моментов се обработуваат новите податоци и МЕД наскоро ќе излезе со конечна бројка неделава.

Од крајот на јуни, кога започна акцијата на МЕД за пребројување на штрковите се поминува низ целата територија на државата, во сите населени места, при што е забележано дека во гнездата на штрковите живеат и шпански врапци и обични врапци.

Штркот како дел од македонскиот фолклор и култура

Штркот е не само дел од македонската орнитофауна, туку и значаен дел од македонскиот фолклор и култура. Едно од најпрепознатливите и уникатни македонски дела е „Силјан Штркот” на Марко Цепенков. Доаѓањето на штркот е поврзано со враќањето на пролетта, како почеток на новата година, симболика која се пренела од старословенската култура до денес.

Пребројувањето на гнездата на штрковите и грижата за овие птици се од клучно значење за одржување на еколошката рамнотежа во Македонија.

Фотографии: Фросина П. Драмиќанин – Македонско еколошко друштво

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни