Смртоносен топлотен бран и пожари го зафатија Медитеранот

Смртоносниот топлотен бран кој деновиве го зафати Медитеранот предизвика серија катастрофални пожари, одземајќи најмалку три човечки животи и принудувајќи илјадници луѓе да ги напуштат своите домови. Температурите на некои места надминаа 40°C, создавајќи совршени услови за ширење на огнената стихија, додека експертите предупредуваат дека ваквите екстремни временски услови се јасен показател за климатската криза.
Марид

Во Шпанија, Романец на возраст од околу 50 години починал од 98% изгореници додека се обидувал да спаси коњи од запалена штала во близина на Мадрид. Регионалните власти соопштија дека во пожарот биле пронајдени и 150 изгорени овци и 18 коњи. Огнот во областа Трес Кантор, поттикнат од ветрови со брзина од 70 км/ч, веќе уништил над 1.000 хектари земја и сè уште не е ставен под контрола.

Италија се соочува со трагедија откако четиригодишно дете од Сардинија почина во Рим од последици на топлотен удар. Детето било пронајдено во автомобил и претрпело неповратни оштетувања на мозокот. Во Црна Гора, еден војник загинал, а друг бил тешко повреден кога цистерна со вода се превртела за време на гаснење пожар во ридовите северно од Подгорица.

Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување создава значително потопла клима која ја зголемува веројатноста и интензитетот на ваквите катастрофи. „Многумина сè уште ја потценуваат опасноста,“ изјави Акшај Деорас, истражувач од Универзитетот во Рединг, додавајќи дека моменталната состојба е директна последица на климатските промени.

Повеќе од 3.700 луѓе биле евакуирани од 16 општини во регионот Кастилја и Леон, каде што пожарите зафатиле и дел од римскиот рударски комплекс Лас Медулас, кој е под заштита на УНЕСКО. Во соседна Галиција, најголемиот пожар за оваа година веќе изгорел 3.000 хектари земја, а во јужниот град Тарифа биле евакуирани 2.000 луѓе поради ново жариште.

Премиерот Педро Санчез упати сочувство до семејството на загинатиот маж во Трес Кантор и им се заблагодари на пожарникарите за нивната „неуморна работа“. Тој ги повика граѓаните да бидат особено внимателни, предупредувајќи дека земјата е во состојба на „екстремен ризик од шумски пожари“.

Португалија исто така се соочува со три големи пожари во централниот и северниот дел на земјата, додека Грција побара помош од ЕУ за справување со десетици жаришта во западен Пелопонез и на туристичките острови Закинтос и Кефалонија. На Закинтос, хотелите во областа Агала и Кери биле испразнети, а туристите со куфери биле пренасочени во други региони.

„Сè што може да понуди цивилната заштита е тука, но имаме силни ветрови и пожарите се надвор од контрола,“ изјави градоначалникот на островот, Јоргос Стасиноулопулос, нагласувајќи ја потребата од поголема воздушна поддршка.

Грчката противпожарна служба соопшти дека се бори со над 100 фронтови на пожари, а бројот на нови жаришта бил „сомнително висок“. Во повеќе региони биле испратени специјализирани тимови за истрага на можни подметнувања.

Во Албанија, најголем дел од скоро 40 пожари што се појавиле во изминатите 24 часа биле ставени под контрола, но повеќе од десет останале активни. Европскиот систем за информации за шумски пожари проценува дека од почетокот на јули во земјата изгореле речиси 34.000 хектари, а полицијата уапсила повеќе од 20 лица осомничени за подметнување.

Во Хрватска, околу 150 пожарникари ја поминале ноќта бранејќи куќи во близина на Сплит. Во северозападна Турција, кај провинцијата Чанаккале, повеќе од 2.000 лица биле евакуирани, а 77 биле хоспитализирани поради вдишување чад.

Франција, пак, се соочи со рекордни температури во најмалку четири метеоролошки станици. Во Бордо бил измерен историски максимум од 41,6°C, а рекорди паднале и во Бержерак, Коњак и Сен Жирон. Владата упати апел за зголемена внимателност.

Експертите предупредуваат дека екстремните временски услови како овој топлотен бран ќе станат сè почести и поинтензивни ако не се преземат итни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови и заштита на природните ресурси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни