Екстремната десница и радикалната левица во подем: резултати од првиот круг на локалните избори во Франција

Екстремната десница и радикалната левица бележат силен резултат во првиот круг од локалните избори во Франција. Трката се заострува пред вториот круг и пред претседателските избори во 2027 година.

Екстремно десничарската партија Национално обединување и радикално левичарската Непокорена Франција остварија значаен пробив во првиот круг од локалните избори во Франција, пренесуваат француските медиуми.

Наредната недела, до вториот круг од изборите закажан за 22 март, ќе биде обележана со неизвесност, бидејќи сè уште не се познати можните коалиции меѓу политичките партии. Сето тоа се случува во пресрет на трката за Елисејската палата во 2027 година, кога на претседателот Емануел Макрон му истекува вториот мандат.

Во трите најголеми француски градови левицата има солидни резултати. Социјалистот Емануел Грегоар има значителна предност пред поранешната десничарска министерка Рашида Дати во Париз.

Социјалистичкиот градоначалник на Марсеј, Беноа Пајан, води во својот град, но веднаш зад него е кандидатот на Национално обединување, Франк Ализио.

Во Лион, актуелниот градоначалник од Зелената партија, Грегори Дусе, води тесна трка со Жан-Мишел Ола, поранешен претседател на фудбалскиот клуб Олимпик Лион, кој има поддршка од десницата и центарот.

Во други делови од земјата, Национално обединување и неговите сојузници значително го зајакнаа своето присуство на локалната политичка сцена, што е нивна стратегија во пресрет на претседателските избори.

Партијата води во најмалку 58 општини, во споредба со само 11 во првиот круг од локалните избори во 2020 година.

Лидерот на Национално обединување, Жордан Бардела, повика на сојуз со десницата во вториот круг од изборите.

Француските медиуми оценуваат дека локалните избори ќе бидат важен тест за политичките сили во земјата, особено пред претседателските избори во 2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни