Додека светот ги истражува потенцијалите на вештачката интелигенција за наука, економија и секојдневен живот, истата технологија сè почесто станува алатка и во рацете на екстремистички и милитантни групи. Според експерти за национална безбедност и разузнавачки служби, организации како ИСИС активно експериментираат со AI-системи за регрутација на нови членови, создавање убедливи лажни содржини и унапредување на кибернетички напади.
Дека вештачката интелигенција веќе е дел од оперативниот арсенал на ваквите групи, покажува и повик објавен минатиот месец на интернет-страница поврзана со поддржувачи на Исламска држава. Во пораката, корисник ги охрабрува симпатизерите да користат AI, нагласувајќи дека „една од најдобрите работи кај вештачката интелигенција е колку е лесна за употреба“, со јасна намера да се искористи загриженоста на западните разузнавачки служби.
Според аналитичарите, ваквиот развој не е изненадување. ИСИС, како децентрализирана мрежа од милитантни групи, уште пред години ги препозна социјалните мрежи како моќна алатка за пропаганда и дезинформации. Денес, со појавата на достапни генеративни AI-алатки, можностите за манипулација и масовно ширење содржини се значително проширени.
За слабо поврзани групи со ограничени ресурси вештачката интелигенција овозможува масовно производство на пропаганда и deepfake содржини, со што драматично се зголемува нивниот досег. „За секој противник, AI навистина ја олеснува работата“, изјави Џон Лалиберт, поранешен истражувач во американската Национална агенција за безбедност (NSA), а денес директор во компанијата за кибер-безбедност ClearVector. „Дури и мала група без многу пари може да има реално влијание.“
Во последните години, милитантните организации сè поинтензивно користат генеративна вештачка интелигенција за создавање реалистични фотографии, видеа и аудио-снимки. Таквата содржина, преку манипулација на алгоритмите на социјалните мрежи, може да поттикне регрутација, да создаде конфузија кај противниците и да шири пропаганда во размери кои до неодамна беа незамисливи.
Истражувачите посочуваат примери од претходните години, кога биле ширени лажни слики од воени конфликти, прикажувајќи сцени со цивилни жртви кои никогаш не постоеле. Овие визуелни манипулации предизвикале силни емоции, дополнително поларизирајќи ја јавноста и олеснувајќи регрутација, не само на Блискиот Исток, туку и меѓу екстремистички и антисемитски групи во Европа и САД.
Слична стратегија била забележана и по нападот во концертна сала во Русија минатата година, кога одговорноста ја презеде огранок на ИСИС. Во деновите по нападот, AI-генерирани пропагандни видеа масовно циркулирале на форуми и социјални мрежи, повикувајќи на приклучување кон организацијата.
Според податоци од SITE Intelligence Group, ИСИС користел и deepfake аудио-снимки на свои лидери, како и AI-алатки за брз превод на пораки на повеќе јазици, со што ја зголемувал глобалната достапност на својата пропаганда.
Иако овие групи технолошки заостануваат зад држави како Кина, Русија или Иран, експертите предупредуваат дека ризикот не смее да се потцени. „Заканата ќе расте со понатамошното ширење на евтина и моќна вештачка интелигенција“, изјави Маркус Фаулер, поранешен агент на ЦИА и директор во Darktrace Federal. Тој потсетува дека криминални и хакерски мрежи веќе користат синтетички аудио и видео-содржини за phishing напади и автоматизирање на кибер-операции.
Особено загрижува можноста милитантни групи во иднина да се обидат да користат AI за поддршка при развој на биолошко или хемиско оружје, со што би го надоместиле недостатокот од експертско знаење. Овој ризик е наведен и во најновата проценка на закани на американското Министерство за внатрешна безбедност.
Соочени со растечката опасност, американските законодавци веќе повикуваат на итна акција. Сенаторот Марк Ворнер, водечки демократ во Сенатскиот разузнавачки комитет, изјави дека е неопходно да се олесни размената на информации меѓу развивачите на AI-системи и државните институции за тоа како технологијата се злоупотребува од екстремисти, хакери и странски разузнавачки служби.
„Од крајот на 2022 година е јасно дека истата фасцинација со генеративната вештачка интелигенција што ја имаше јавноста, ја имаат и злонамерните актери“, предупреди Ворнер. Законот кој неодамна помина во Претставничкиот дом предвидува годишни проценки на ризиците од екстремистичката употреба на AI, со цел државните политики да одат чекор понапред од заканите на иднината.