Техеран во пламен, САД предупредуваат дека доаѓа најголемата офанзива досега

Иран возврати со ракетни напади кон Израел, додека Вашингтон најавува најинтензивна офанзива од почетокот на војната.

Силни експлозии го потресоа Техеран рано утринава, додека темни облаци од чад се издигнуваа над западниот дел од иранската престолнина. Израелската војска соопшти дека започнала нов бран напади врз цели во Иран.

Во исто време, Иран возврати со ракетни напади кон Израел, поради што сирени за тревога се огласија во повеќе израелски градови, а граѓаните се упатија кон засолништа.

Конфликтот се шири и во регионот. Сирени за тревога се огласија и во Бахреин, додека иранските напади биле насочени кон островската држава. Саудиска Арабија, пак, соопшти дека пресретнала дронови кои се движеле кон нафтеното поле Шајбах и дека соборила балистичка ракета насочена кон воздухопловната база Принц Султан, каде се стационирани американски сили.

САД и Израел во последните денови извршија серија напади врз Иран, насочени кон неговите воени капацитети, раководство и нуклеарна програма.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во телевизиско интервју изјави дека „најголемата бомбашка кампања“ во војната допрва доаѓа.

Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп одобри нова продажба на оружје на Израел во вредност од 151 милион долари.

Трамп повторно порача дека нема да има договор со Иран без „безусловна капитулација“.

„Нема да има договор со Иран освен БЕЗУСЛОВНА КАПИТУЛАЦИЈА“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Според официјалните податоци, досега во конфликтот загинале најмалку 1.230 луѓе во Иран, повеќе од 200 во Либан и околу десетина во Израел. Во борбите загинале и шест американски војници.

Во меѓувреме, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан соопшти дека „неколку земји“ започнале напори за посредување, што е прв сигнал за можни дипломатски иницијативи за прекин на конфликтот.

По смртта на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на првиот ден од војната, во Иран започна процес за избор на нов лидер.

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани, ги осуди изјавите на Трамп дека САД треба да имаат улога во изборот на новото раководство.

„Иран не прифаќа и никогаш нема да дозволи странска сила да се меша во неговите внатрешни работи“, изјави тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни