Експлозија во воена фабрика во Америка: Повеќе мртви, најмалку 19 исчезнати

Експлозија во воена фабрика во Америка. Повеќе мртви, најмалку 19 исчезнати

Неколку лица загинаа, а повеќе се водат како исчезнати по силната експлозија што се случи утрово во погон за производство на воени експлозиви во Тенеси. Детонацијата ги потресе блиските куќи и предизвика серија помали експлозии, потврдија локалните власти, јавува CNN.

Експлозијата се случила околу 7:45 часот наутро по локално време, а шерифот на округот Хамфрис, Крис Дејвис, ја опиша како „разорна“ на прес-конференција. Тој додаде дека службите за итни случаи успеале да ја обезбедат пошироката област на несреќата до доцна наутро. „Во моментов имаме неколку лица кои се водат како исчезнати“, рече Дејвис. „Можеме да потврдиме дека имаме некои кои починале“, додаде тој, а Би-Би-Си објави дека најмалку деветнаесет лица се водат како исчезнати.

Објектот, во сопственост на „Accurate Energetic Systems, LLC“, се наоѓа на границата на окрузите Хикман и Хамфрис, околу еден час возење југозападно од Нешвил, соопшти канцеларијата на шерифот. Голем број служби за итни случаи излегоа на терен за да ја проценат штетата и да го изгаснат пожарот. Поради опасноста од секундарни експлозии, спасувачите засега остануваат на безбедно растојание од епицентарот.

Жителите кои живеат во близина на фабриката раскажаа како почувствувале силен удар. „Мислев дека куќата се срушила, а јас сум внатре“, изјави Џентри Стовер за „Асошиејтед прес“. „Живеам многу блиску до фабриката и околу 30 секунди откако се разбудив, сфатив што се случило“, рече тој.

Компанијата „Accurate Energetic Systems“ е специјализирана за производство на воени експлозиви. Како што наведуваат на нивната Фејсбук страница, тие произведуваат „различни високоексплозивни композиции и специјализирани производи за Министерството за одбрана на САД и американските индустриски пазари“.

Канцеларијата на шерифот на округот Хикман ја повика јавноста да ја избегнува областа на несреќата за да можат службите за итни случаи да продолжат со својата работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни