Експлозија во Њу Делхи: Осум загинати и најмалку дваесет повредени во близина на Црвената тврдина

Осум лица загинаа, а најмалку дваесет се повредени по експлозија на автомобил во близина на познатиот споменик Црвената тврдина (Red Fort) во индиската престолнина Њу Делхи, соопшти локалната полиција.

Инцидентот се случил во 18:52 часот по локално време (13:22 GMT), кога возило марка Hyundai i20, во кое се наоѓале три лица, запрело на црвено светло кај метро-станицата Лал Кила, по што се случила силна експлозија.

Експлозијата се случила во близина на пазаро Чандни Чоук, еден од најпрометните делови на градот кој секојдневно го посетуваат илјадници туристи.
Сведоци изјавиле дека „експлозијата била толку силна што стаклата на околните згради и метро-станицата биле скршени“.
На местото на настанот пристигнал специјален тим за деминирање, а областа е целосно блокирана и обезбедена од полицијата и армијата.

Полицискиот портпарол Санџај Тајаги потврди дека истрагата е во тек и дека сè уште не е познато што ја предизвикало експлозијата.

„Ги разгледуваме сите можни сценарија. Ќе биде потребна форензичка анализа на собраните докази пред да можеме да кажеме што точно се случило,“ изјави тој.

Индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах ја посети болницата Лок Најак (LNJP), каде што се згрижени повредените лица, и најави дека утре наутро ќе се одржи итен состанок со безбедносните служби.

„Во овој момент не можеме да исклучиме ниту една можност. Истражуваме сите агли,“ рече Шах, додавајќи дека земјата е во состојба на зголемена будност.

Премиерот Нарендра Моди изрази жалење и сочувство до семејствата на загинатите, соопштувајќи дека лично ја следи ситуацијата.

По инцидентот, полицијата воспостави засилени контроли на сите влезови во Делхи, вклучително и на граничните премини со соседните сојузни држави. Се проверуваат сите возила, а атмосферaта во центарот на градот е напрегната и под висока безбедносна готовност.

Според првичните проценки, експлозијата не била предизвикана од судар, но причината сè уште не е утврдена. Форензичките експерти и тимови од Националната гарда за безбедност (NSG) работат на местото на настанот.

Црвената тврдина, објект од 17 век и еден од симболите на Индија, секојдневно привлекува илјадници посетители, што дополнително ја зголемува тежината на овој инцидент.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни