Силна експлозија пред банка во Солун, оштетени возила и објекти

Експлозијата се случила во населбата Евосмос, без повредени, а истрагата е во тек

Силна експлозија во текот на ноќта предизвика значителна материјална штета пред филијала на банка во населбата Евосмос во Солун, соопшти дописничката на МИА од Атина.

Од експлозијата нема повредени лица, но оштетени се најмалку седум паркирани возила, како и објекти во непосредната околина на банката. Според првичните информации, пред инцидентот не бил упатен предупредувачки повик, ниту било какво друго известување до надлежните служби.

Како што пренесува грчката државна телевизија ERT, детонацијата била исклучително силна и се слушнала на оддалеченост поголема од еден километар, што предизвикало вознемиреност кај жителите на поширокиот дел од Солун.

На местото на настанот интервенирале припадници на грчката полиција, како и специјализираната служба за деактивирање експлозивни направи. Во тек е истрага за утврдување на околностите и причините за експлозијата, а засега нема официјални информации за можни осомничени или мотиви.

Грчките власти најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени по завршување на увидот и форензичките анализи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни