Украинската противвоздушна одбрана дејствуваше рано утринава во главниот град Киев против комбиниран руски напад со беспилотни летала и ракети. Reuters наведува дека сведоци пријавиле низа гласни експлозии.
Според првичните информации, загинале 9 лица, а повредени се 63, од кои 42 се хоспитализирани, меѓу нив и шест деца.
Настанало уривање на станбени згради, а во тек се потраги по луѓе под урнатините. На терен се присутни психолози и тимови со кучиња трагачи од Државната служба за итни ситуации.
„Во тек е комбиниран напад. Опасноста останува висока,“ напиша на Телеграм првиот човек на градската воена управа на Киев, Тимур Ткаченко. Тој истакна дека пожари и урнати делови од летала и ракети се забележани во два округа на западниот брег на реката Дњепар, која го сече градот.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека дронови летаат над централните окрузи и нареди медицински тимови веднаш да се упатат во различни делови од градот. Ткаченко нагласи дека пет лица се повредени во Свјатошинскиот округ, додека Кличко посочи дека жителите на една зграда останале заробени под урнатини. Пожари и метални остатоци од ракети се забележани и во други делови на Киев.
Харков, вториот најголем град во Украина, исто така бил изложен на силен ракетен напад рано утринава, напиша градоначалникот на градот, Игор Терехов, на Телеграм. Тој изјави дека неколку експлозии се слушнале во градот, кој често е цел на руски напади.