Експлозија од музички жанрови на Arsenal Fest: Sajsi MC, Rambo Amadeus, Никола Врањковиќ, Ida Prester, Orthodox Celts, Crni Cerak, Bad Copy

Еден од најзначајните музички фестивали во регионот, Arsenal Fest, годинава го одбележува својот јубилеен петнаесетти роденден. Од 26 до 28 јуни 2025 година, просторот на Кнежев Арсенал во Крагуевац повторно ќе биде центар на музичките случувања, обединувајќи звучни имиња од домашната и светската сцена.

Фестивалот ќе биде отворен на 26 јуни на Garden Stage со настап на Ida Prester и нејзиниот бенд Lollobrigida, кои ќе понудат динамична мешавина од инди поп и електронска музика. Програмата продолжува со настапот на Никола Врањковиќ, реномиран композитор и поет познат по своите длабоки и емотивни балади. Публиката ќе има можност да ги чуе неговите најпознати песни како „Две речи“, „Награда за страв“ и „Сретение“. Истата вечер ќе настапат и Vizelj, со својот експериментален алтернативен рок звук, како и бендовите Dram, кои комбинираат пост-панк и инди рок, и Škofja Loka, познати по својот променлив стил и силна сценска изведба. Програмата ќе ја затвори Analogna Rasa, зад која стојат две имиња од златната ера на југословенскиот рок: Никола Чутурило и Зоран Предин.

Вториот фестивалски ден, 27 јуни, ќе го отвори Sajsi MC, една од пионерките на женската хип-хоп сцена, која со својот храбар сценски настап и текстови инспирирани од секојдневието, привлекува сè поголема публика. Потоа следува групата Канда, Коджа и Небојша со своите проверени хитови како „Однеси ме“, „Тајни на летањето“ и „Слобода и љубов“, кои се дел од нивната три децениска кариера. Посебно внимание привлекува настапот на Crni Cerak, актуелна треп група која за прв пат ќе настапи на Arsenal Fest, носејќи енергија и општествена ангажираност преку својот дистинктивен „дрил“ стил. Во втората половина на вечерта ќе настапат и Bjesovi, со својот мрачен и интензивен гранџ звук, како и панк ветераните KBO!. Денот ќе го заокружи Lavina, метал состав кој ветува експлозивен завршеток на втората вечер.

Финалната вечер, 28 јуни, ќе биде отворена со настап на Rambo Amadeus, познат по своите сатирични текстови, сценска ироничност и остар социјален коментар. По него ќе настапат Orthodox Celts, бенд што веќе три децении го комбинира традиционалниот ирски фолк со рок енергија, а нивниот препознатлив хит „Wild Rover“ ќе биде дел од репертоарот. Публиката ќе има можност да ужива и во настапот на Bad Copy, култна хип-хоп тројка која на сцената внесува хумор, сарказам и урбана критика. Истата вечер ќе настапат и KOIKOI, бенд што вешто ги спојува психоделијата, диско-панкот и алтернативниот рок, познат по песни како „Мисисипи“, „Храст“ и „Кринолина“. Фестивалот ќе го затвори Six Pack, бенд кој ќе донесе суров и моќен панк звук како завршна нота на ова јубилејно издание.

Влезниците се достапни преку сервисот Tickets.rs и на сите продажни места на Ticket Vision.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни