Единаесет лица се повредени, од кои едно потешко, кога за време на карневалска парада во швајцарското место Шабл, во кантонот Вале, експлодирал воздушниот компресор на топ за конфети.
Како што соопшти кантоналната полиција, тешко повреденото лице со хеликоптер било пренесено во болница, додека на останатите им била укажана медицинска помош на местото на настанот или биле транспортирани во здравствени установи.
Инцидентот се случил за време на свечената поворка, пред бројни посетители. Засега не е позната точната причина за експлозијата, а надлежните органи започнале истрага со цел да се утврдат сите околности.
На терен интервенирале четири возила на Итната медицинска помош, три хеликоптери и мобилна единица за интензивна нега.
Организаторите на карневалот одбиле да дадат коментар во врска со настанот.
Овој инцидент се случува во чувствителен период за кантонот Вале, само месец и половина по разорниот пожар во Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ, во кој загинаа 41 лице. По трагедијата, локалните власти ги заострија прописите со цел да се обезбеди строго почитување на противпожарните и безбедносните стандарди во јавните објекти.
Според информациите на агенцијата Танјуг, истрагата треба да утврди дали станува збор за технички дефект или пропуст во безбедносните процедури.