„Во Балашиха, близу Москва, автомобил експлодираше во двор на станбена зграда, има загинати“, изјавил претставник на итните служби за РИА Новости.
„Експлозијата се случи во двор на зграда на Нестеров булеварот“, додал тој.
Според The Moscow Times, утрово на 25 април експлодирал автомобил паркиран пред станбена зграда во градот Балашиха, во московската област.
Во експлозијата загинал заменик-началникот на Главната оперативна дирекција на Генералштабот на Вооружените сили на Руската Федерација, генерал-потполковник Јарослав Москалик.
Според порталот Baza, автомобилот „Фолксваген Голф“ експлодирал во момент кога воено лице поминувало покрај него. Експлозијата го фрлила неколку метри подалеку.
Порталот Shot наведува дека импровизирана експлозивна направа била поставена во внатрешноста на автомобилот и активирана со далечински управувач. Направата содржела убојни елементи, а експлозијата била толку силна што оштетила прозорци на неколку ката од блиската зграда.
Истражниот комитет на Русија соопшти дека по експлозијата е покрената кривична постапка, но не е наведено по кој член од законот.
Москалик учествувал во преговорите со Украина во 2015 година во рамки на т.н. „Нормандиски формат“, а исто така бил и портпарол за воената операција на Русија во Сирија.
Рускиот претседател Владимир Путин му го доделил чинот генерал-потполковник во 2021 година. Во 2022 година, Москалик преку суд добил стан од Министерството за одбрана, токму во зградата покрај која денес се случи експлозијата.