Експерименталниот третман покажа ветувачки почетнички резултати за намалување на ризикот од деменција поврзана со Алцхајмерова болест кај асимптоматските пациенти кои се очекува да развијат невродегенеративна болест.
Истражувачите следеле мала група од 22 пациенти кои имале генетски мутации кои предизвикуваат хиперпродукција на амилоид во мозокот, имајќи предвид дека еден од белезите на Алцхајмеровата болест е кога протеинот амилоид се лепи и формира наслаги во мозокот.
Според новите наоди објавени во списанието Lancet Neurology, кога 22-цата пациенти осум години земале анти-амилоиден лек наречен гантенерумаб, забележале дека ризикот од развивање симптоми се намалил од 100 на околу 50%.

„Секој во оваа студија беше предодреден да развие Алцхајмерова болест, а некои од нив сè уште не“, рече Рандал Бејтман, професор по неврологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Вашингтон во САД и еден од авторите на студијата.
„Со цел да им дадеме на пациентите најдобра можност да останат когнитивно нормални, го продолживме третманот со друго анти-амилоидно антитело со надеж дека тие никогаш нема да развијат симптоми“, додаде Бејтман.
Наодите сугерираат дека раниот третман може да го одложи почетокот на симптомите на Алцхајмерова болест. Когнитивните придобивки биле прикажани кај пациентите кои примале третман осум години, додека други, кои биле третирани само две до три години, не покажале забележително подобрување. Ова сугерира дека, за да биде ефективна, може да биде потребна превентивна терапија со години пред некој да развие симптоми.

Чарлс Маршал, професор по клиничка неврологија на Универзитетот Квин Мери во Лондон во Велика Британија, ги оквалификува наодите од студијата како „многу возбудливи“, но истакна две ограничувања на студијата.
„Првата е дека тоа беше секундарна евалуација на релативно мал број луѓе кои беа третирани долго време и затоа резултатите не се толку сигурни како што ќе беа ако беа резултат на главната студија“, рече тој.
„Другото ограничување е што гантенерумаб не е ни приближно толку ефикасен како некои други третмани за намалување на амилоидот коишто сега се достапни, што сугерира дека можеби ќе можеме да направиме уште подобро отколку што сугерираат овие резултати“, додаде тој.