Ексклузивно: Прочитајте го необјавениот расказ на Симона Јовановска, добитничка на роман на годината за 2021

Имаме чест да ви претставиме досега необјавен расказ од Симона Јованоска, една од најзабележителните македонски писателки. Позната по нејзините длабоки и комплексни приказни, како што се наградуваниот роман „Денот на црвот“ и расказите од „Ги најдов во длабокото“, Симона Јованоска повторно ни покажува зошто е една од најистакнатите гласови во македонската литература денес. Во наредните редови, имате можност да прочитате нејзин нов, необјавен расказ, кој ќе ви го одведе во светот на нејзината богата и заведувачка проза. Не пропуштајте го овој ексклузивен дел од нејзиното творештво. Следете не и откријте што ново ни нуди Симона Јованоска. Гостинка ќе биде и во Неделен трн каде ќе зборуваме за нејзиниот нов роман кој излегува набрзо.

„Гостин“

     Беше магливо есенско утро кога Павле го разбуди песната на неговиот миленик, младо петле со сјајни црни пердуви и став каков што заземале само најзначајните животни во историјата. Оф, промрмори, што ќе се прави денеска?

     Павле беше на околу осумдесет годишна возраст и за своите години доста витален, а откако жена му почина, живееше сам на првиот кат од една скромна куќа со двор во скопско предградие. Двете ќерки беа одамна омажени, едната во странство, а другата во Гевгелија, што за Павле, кој никогаш никаде не патуваше, му доаѓаше едно те исто. Ќерките родија деца, а некои од децата имаа свои деца, и тоа што семејната лоза беше продолжена раѓаше топло задоволство во градите на старецот. Како што стануваше постар, така сè повеќе го навредуваше пензијата, како на останатите, така и неговата, за којашто потроши еден цел живот во болницата со болните. Како домар опслужуваше неколку поголеми и помали болници во Скопје и околината, помагаше кајшто можеше и пред да се свести, дојде до пензија, стана вдовец и остана да живее сам со својот петел.

    Откако набрзина се изми, внимателно се избричи и ги облече алиштата префлени преку столот, Павле излезе во дворот за да го поздрави Прч, својот сакан петел. Песната секогаш го наоѓа излезот од маглата, си помисли, додека внимателно се пробиваше низ сивата, маглива текстура што му се плеткаше низ нозете како мека постелнина, па посака со прстите да ја пипне и протрие, а потоа ги приближи до носот за да ги мирисне, мирисаа на мувла и на снег. Малку му пристуде и се прегрна колку да се загрее, а петелот продолжуваше да кукурика како да е на аудиција за таленти, и одеднаш престана да пее. Хм, си помисли Павле, ме разбуди ѓаволот и се прави наудрен, е нема да може.

    Кога се приближи до оградата, Павле одвај забележа човечка силуета. Мора да е за собата, си рече и се упати кон странецот што стоеше до оградата веднаш до петелот и искрено му се восхитуваше на убавината. Беше во право, тоа навистина беше турист од Норвешка дојден да ја прошета Македониј пред да продолжи во Србија. Тука сте за собата, праша Павле, а потоа покажа со раката кон вториот кат и му даде знак на Норвежанецот да тргне по него. Ѓавол да го земе, си мрмореше низ забите, не се ни разденило, се нацртал на врата и си ја бара собата, уште ден не фатило нему сè му е испланирано. Павле не зборуваше англиски, знаеше само неколку зборови коишто се однесуваа стриктно на условите околу сместување, door, bed, pay, му ја отклучи вратата, му ја покажа собата и откако му го предаде клучот, тргна да си оди по скалите. Колку е бел, си помисли, среќа што го видов во маглата, да бев малку постар, немаше да го забележам.

    Првите неколку денови, Норвежанецот скоро воопшто не го гледаше, беше тивок и го почитуваше куќниот ред, но еден ден тропна кај Павле и му даде необичен предлог – да го изнајми за дружење. Имено, Норвежанецот патувал многу и насекаде, па инспириран од едно искуство во Јапонија, кадешто старите луѓе биле ставени на пазарот за изнајмување пријател, му даде мошне примамлива понуда за пријателство на Павле: пиење заедничко кафе еднаш на ден наутро како и заедничка прошетка низ населбата пред стемнување. Старецот првин се двоумеше, со оглед на тоа што не зборуваше англиски, а гостинот не разбираше ниту збор на македонски, оваа дружба уште од старт беше осудена на пропаст, но од друга страна, беа тоа лесни пари и секој дополнителен приход беше добредојден со оглед на срамната пензија и на тоа што Павле си беше тврдоглав и одбиваше да побара помош од ќерките. И онака ништо не правам, си рече и ја прифати понудата.

    Следното утро повторно го разбуди песна и повторно маглата ја беше проголтала населбата, но договорот си беше договор, а зделката – зделка, па откако се изми, внимателно се избричи и ги облече алиштата префлени преку столот, Павле свари две турски кафиња и тропна на вратата на својот гостин. Гостинот беше веќе подготвен, па срдечно се насмевна и без збор седна на терасата за да го испие кафето со својот изнајмен пријател. Тогаш гостинот одлучи малку да се отвори па почна нешто да раскажува, се чинеше дека зборува за себе, нешто многу значајно, веројатно нешто тешко за зборување зашто одненадеж Норвежанецот се расплака, а Павле сочувствително мрдаше со главата и во знак на утеха му ја стави раката на рамото. Ништо не го разбираше, но говорот на телото кажуваше повеќе од зборовите, на младиот гостин му беше важно физичкото присуство на друго човечко битие, силата на стисокот при ракување како и топлината на дланката што се спушта на рамото во знак на разбирање. Кога го испија кафето, Павле стана како ништо да не било и отиде да го посети својот сакан петел, а гостинот остана самиот во солзите, обидувајќи се да не потоне. Истиот ден пред стемнување, Павле и Норвежанецот се чекаа пред капијата и тргнаа во заедничка обиколка на населбата, токму како што се договорија. Павле одеше чекор-два понапред и по нешто објаснуваше, за населбата, за нивите и за соседите, а Норвежанецот, без да разбере ниту збор, кимаше со главата во знак на одобрување и задоволно набљудуваше околу себе, и така минаа деновите.

    Утрото кога си заминуваше нешто пред осум, Норвежанецот се подготви и тргна да си оди, но пред тоа тропна на вратата од Павле за да се поздрави и да му даде понуда за петелот. Сакаш да го купиш, се изненади старецот, па тоа е Прч, мојот единствен Прч што од наутро ми прави друштво и ме буди со своето гласно пеење, ама Норвежанецот беше упорен, тој инсистираше да го купи петелот без дополнително да навлегува во мотивите. Кога го забележа сериозното двоумење на старецот, гостинот го извлече последниот ас од ракавот – освен солен паричен надомест, му понуди и еден шарен, целосно нов будилник во форма на петел, а потоа го нави покажувајќи му го начинот на навивање. Павле втренчено гледаше во будилникот, така е, си помисли, времето, освен што тече, се менува па мора да се менуваме и ние, а потоа го крена стаклениот поглед кон гостинот и му силно му ја стисна раката во знак на одобрување.

   Откако уредно го испрати до портата, ја затвори и малку разгледа наоколу, мокри паднати лисја, сивило и гранки што се празнат, пополека се врати во куќата. Внимателно ги искачи скалите зашто скршеницата беше луксуз што не можеше да си го дозволи на овие години. Од најдолната фиока на креденецот што стоеше на терасата извади платно на коешто пишуваше FOR RENT со големи букви и одвај го префрли преку оградата. Што ќе се прави денеска, промрморе, а будилникот во раката верно одбројуваше до осум за да почне да ѕвони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни