Интервју со Дејан Дуковски за Фронтлајн: Распад на семејството е распад на државата

Идентитетот не е само во она што било, историјата не можеме да ја смениме, но, идентитетот се гради со тоа што го правиме сега во моментот. Тоа ќе го носи и ќе биде нашиот идентитет утре. Да влезевме пред дваесет и пет години во ЕУ, сега ќе имавме генерации млади луѓе со европски идентитет.

Информацијата дека во „Београдско драмско позориште“ (БДП) славниот хрватски режисер со меѓународно реноме, Оливер Фрљиќ, ќе ја режира праизведбата на новото дело на најизведуваниот македонски драмски писател Дејан Дуковски, пристигнува како светлина на крајот од тунелот во сегашнава културна немаштија. Станува збор за новото дело со наслов „Црно злато“ кое, меѓудругото, се занимава со теми или прашања за идентитетот, за семејството, за трансродовите лица…, инспирирано од македонската битова драма „Парите се отепувачка“, но, со нова приказна, нови ликови, нови односи. Oва е конкретен повод за разговор со најнаградуваниот и најпоставуваниот драмски писател и овде, но и на сцените во бивша ЈУ и во Европа, авторот и на „Буре барут“, претстава која од ,,Југословенско драмско позориште” прерасна во филм, во режија на Горан Паскаљевиќ, на „Балканот не е мртов“, на „Маме му ебам кој прв почна“, на „Последниот балкански вампир“, на „Силјан штркот шанца“… Иако, за интервју со Дуковски, секогаш има повод. Овој пат, на ТИ, онака пријателски, зборуваме за новата драма, за културата, за семејството, за Скопје…

Со Оливер Фрљиќ веднаш „кликнавме“. Мислам дека има одлична креативна енергија и фантастично работи со глумци. Слично размислуваме и за многу идеолошки, да не речам, политички прашања… А, имаме и доста заеднички теми: бивша Југославија, и тој е сега во Германија, каде што јас поминав доста време, заеднички пријатели… Сè на сè, многу се радувам на процесов на работа и се надевам ќе излезе добра претстава.

Дејан, пред сѐ, како си? Како живееш? Среќен ли си? Исполнет? Всушност, како влијае на тебе ова време-невреме полно со лицемерие, време во кое се чини е најважна само трката по материјалното, лажниот престиж, време кога не постои емпатија, милост?

Фала ти, Тина. Знаеш како викаат, добро сум, ама ќе ми помине. Точен виц за времево. Ми се чини дека цела младост ми помина во чекање на некое подобро време. А, секој ден, сѐ полошо и полошо… Секое време има своја драма. Јас, на пример, како дете наивно верував дека сум среќен што живеам, сум се родил во време што ја надминало војната како цивилизациска глупост. Наивно. Времето е такво какво што е, а луѓето се  адаптираат на сѐ, како бубашваби. Лично, како и сите други, се обидувам да бидам среќен на свој начин. Добро ми оди. Можеби имам среќа што се занимавам со драми во драматично време.

Дали денешново време, особено по пандемијата со Корона вирусот, може да се опише како еден емотивен „буре барут“, се разбира, во метафорична смисла?

Ај да кажам вака: мислам дека „Буре барут“ е исто толку актуелен текст денеска, како и во тие драматични деведесетти овде, кога е пишуван… Короната беше и емотивен и рационален шок. Нè измести малку сите од кондури… Некако нѝ покажа колку сме мали и беспомошни. Бесмислено стихијни во нашите мали мравјалници. Ова, паметно кажано.

Има мал милион поводи за интервју со тебе, но, конкретен повод е праизведбата на твоето ново дело „Црно злато“ во „Београдско драмско позориште“, и тоа ни помалку ни повеќе, во режија на еден од најдобрите југословенски и европски режисери, Оливер Фрљиќ. Првпат соработувате заедно. Па, најпрвин, како се случи оваа „вин-вин“ соработка, и понатаму, како течеше комуникацијата, каква е сега меѓусебната енергија?

Тоа е идеја на Југ Радивоевиќ, режисер и веќе подолго време директор на БДП, што во моментов мислам дека е еден од најинтересните театри во регионов, па и пошироко. Југ ги знае моите текстови и работел некои од нив, па имаше идеја да нè спои мене и Оливер, како два сензибилитета коишто би сакал да ги види во заеднички проект. И така тргна целата работа… Јас го напишав текстот и пред некој ден почнавме со проби. Со Оливер веднаш „кликнавме“. Мислам дека има одлична креативна енергија и фантастично работи со глумци. Слично размислуваме и за многу идеолошки, да не речам, политички прашања… А, имаме и доста заеднички теми: бивша Југославија, и тој е сега во Германија, каде што јас поминав доста време, заеднички пријатели… Сè на сè, многу се радувам на процесов на работа и се надевам ќе излезе добра претстава. Драго ми е, исто така, да бидам присутен во Белград. После премиерата со Слободан Унковски на „Маме му…“ во ЈДП, театарот во којшто најмногу работев, со Ацо Поповски работевме во Нови Сад – „Вампирите“. Се надевам дека таа претстава ќе гостува во Скопје. Ацо има премиера деновиве во ЈДП… Раздвижена е сценава.

„Црно злато“ е име на нафта, на дрога, на валкани животни ситуации, на криминал…?

Нема нафта. Другиот дел од прашањето се содржи и во текстот… Конкретно, насловот на текстот се однесува на опиум. А, и на пари.

Колку што ми е познато, ова дело се бави со семејството и односите внатре во него. Романот „Ана Каренина“, јасно им е на сите, почнува со една реченица: „Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“. Пред сѐ, какво е твоето размислување, генерално, за постоењето (опстојувањето) на семејството денес? Се чини, се работи на една деструктивна идеја за негово постепено уништување, а не е исклучено дека без тоа ќе се уништи буквално сѐ?

Семејството е клетка на општеството. Распад на семејството во театар е распад на системот, на државата. Интересно е што поставката на Фрљиќ на „Браќа Карамазови“ (гостуваше оваа престава на МОТ), ја зема токму оваа реченица на Толстој како рамка за негово читање на оваа, во суштина, семејна драма во романот на Достоевски. Во мојот текст се работи за едно дисфункционално семејство. Тргнав од мотивот на драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле или „Недоразбирање“ на Ками… Синот се враќа после многу години со пари од печалба, родителите не го препознаваат и го убиваат за парите. Но, мојот текст отиде во некој друг правец. Изгубениот син, кој по конфликт со таткото си оди од дома, по многу години се враќа, но сега како жена. Анѓеле е Анѓела. Никој не го препознава и ништо не е исто освен конфликтот со таткото кој продолжува…

Да. Зборува и за прашањето на идентитетот. Може ли некако, во било која смисла, да се поврзе и со идентитетските прашања со кои Македонија се занимава, се бори, но, не успева да се избори последниве повеќе од три децении?

Главниот лик во текстот се бори за својот идентитет. Иако е роден во тело на маж, се чуствува како жена и во секој поглед тоа и е. Се бори за своето право така да биде и признаен. Тоа е и фокусот на конфликтот со татко му кој едноставно не може или не сака да го прифати тоа. Исто така, има нови, а и стари нерешени конфликти со генерално патријархалната средина во татковината… Како и да е, во мојата драма, општо во животот, идентитетот не е само во она што било, историјата не можеме да ја смениме, но, идентитетот се гради со тоа што го правиме сега во моментот. Тоа ќе го носи и ќе биде нашиот идентитет утре. Да влезевме пред дваесет и пет години во ЕУ, сега ќе имавме генерации млади луѓе со европски идентитет.

Уметноста има моќ, сѐ уште, да создава промени. Но, може ли еден, индивидуален уметник, да влијае така силно кон прогрес во било која насока?

Една театарска претстава или едно уметничко дело, се разбира, не можат да сменат многу. Но, кога позитивните идеи и прогресивниот дух на времето слободно струјат, влијаат на јавното мислење.

Ти си од Скопје, иако си живеел и си работел долго на меѓународната сцена, па веројатно и другите места ги сметаш за твои домови, но колку Скопје денес е твој дом, ако ги земеме во предвид промените што му се случија на градот, во архитектонска, социјална, политичка смисла?

Понекогаш ми се чини како да сум растел во друг град. Понекогаш, градов ми личи на Бејрут. Скопје беше помал, но, некако многу посреден и поурбан град. Некогаш Скопје важеше за многу зелен град. Од цела поранешна Југославија доаѓаа луѓе поради ноќниот живот… Не знам. Можеби така ми се чини оти сум носталгичен по младоста. Ама, објективно, Скопје е презагадено, пренатрупано, со генерално блокиран сообраќај, преполно со кич, грозно нечисто и ич не е пријатно за живот… Ама, го сакам. Наш дом е и мора да го пазиме.

Скопје ја доби титулата Европски град на културата за 2028. Сметаш ли дека до тогаш ќе можеме да ја оправдаме оваа награда? И што е она што на Скопје денес му недостига во однос на културните промени?

Не е лесно и едноставно да се каже. Му требаат многу работи. Треба да се подготват сериозни проекти и да се конкурира на сите можни фондови за да се искористат максимално. Треба, исто така, да се размислува на капитални проекти кои ќе му останат на градот, а полесно ќе се изведат со европски пари… Не знам, но во секој случај, треба уште сега сериозно да се работи на тоа.

Каде е твоето бегство? Галичник? Ако е така, таму ли ја впиваш инспирацијата за творење?

И во Охрид, и во Галичник. Секогаш кога можам. Можеби оди со годините, ама сè повеќе ја разбирам потребата за допир со природата. Едноставно, да се инспирираш и да го осетиш мирот и совршеноста.

Социјалните мрежи, вештачката интелигенција, создаваат нови светови, но, и неизвесна иднина која кај многумина влева страв. Мислиш ли дека ВИ ќе ги пишува драмите на иднината или сепак, човекот нема да дозволи да биде заменлив?

Мислам дека сите овие виртуелни играчки се фантастични алатки и можат многу да помогнат ако правилно се користат. Не мислам дека можат да го заменат човекот. Можат да ја скратат и поедностават работата, ама, не можат да го заменат тој што ги користи. Компјутерите се прецизни и аналитички точни, ама нашата креативност секогаш ќе ја контролира нивната намена. Треба само правилно да ги користиме.

Твоите дела изобилуваат со индиректна перцепција и за политичката атмосфера, локална, балканска, глобална. Што е веројатно нешто што ниту еден автор не може да го избегне. Но, во нив има и трагични и комични елементи. Па, дали може да се каже дека сиве овие години сме во некаков балон од трагикомични ситуации од кој нема да го видиме излезот?

Во драмска смисла и Шекспир многу добро знаел дека е најслатко да се насмееш кога најмногу боли, или обратно, секогаш е драмски ефективно кога насмевката ќе ти се замрзне. Во животна смисла, ние живееме во трагикомично време, ама би било ужасно ако го сфатиме само трагично и не успееме малку сами да си се смееме на себе. Хуморот секогаш помага подобро да се сфатат работите.

И за крај, што е она што во последно време те радува? Каде, со кого?

Во последно време најмногу ме радува мојата најмала ќерка, која има четири и пол години и којашто најточно и најдобро го разбира светот околу нас.

Ти благодарам.

ТИНА ИВАНОВА

Извор: https://frontline.mk/2024/10/28/ekskluzivno-interv-u-so-de-an-dukovski-raspad-na-seme-stvoto-e-raspad-na-drzhavata/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни