Ексклузивно гостување на српскиот писател и судија, Миодраг Мајиќ, на штандот на Антолог

На годинашниот Саем на книга што ќе се одржи од 8 до 14 мај во арената „Борис Трајковски“, издавачката куќа „Антолог“ под слоганот „Книги без граници“ најавува богата програма, ексклузивни саемски попусти, огромен број новитети и гостување на еден од најистакнатите автори и јавни интелектуалци од регионот – Миодраг Мајиќ.

Познатиот белградски судија, правен експерт и писател, Мајиќ ќе биде специјален гостин на штандот на „Антолог“ на 9 мај (петок) во 17 часот. Авторот на романите Деца на злотоОстровот на пеликанитеРудникот и Под туѓо сонце ја користи книжевноста како моќна алатка за општествена критика и промена, истовремено привлекувајќи илјадници читатели низ целиот регион.

Во текот на настанот, посетителите ќе имаат можност да го сретнат авторот, да се фотографираат со него и да добијат потпис на неговите книги, вклучувајќи ја и новата „Под туѓо сонце“. Читателите ќе имаат можност да уживаат во разговор со српскиот писател и да го слушнат неговиот поглед на литературата што ја создава.

Доаѓањето на Миодраг Мајиќ во Скопје е еден од најважните активности во склоп на годинашниот Саем на книга кој се одржува под насловот Храна за душа, а публиката ќе има прилика да го доживее овој момент и да го запамети како незаборавен.

Миодраг Мајиќ (1969) е српски писател и судија во Апелациониот суд во Белград. Докторирал кривично право, а специјализирал меѓународно кривично право. Објавил голем број правни текстови и учествувал во изработката на значајни закони од кривичното право. Со години неговиот блог е една од најпосетуваните и најкоментираните интернет-локации, каде што отворено зборува за корупцијата, непотизмот и политичките притисоци во правосудството. За Мајиќ пишувањето не е само естетски израз – неговите книги се повик кон промена. Тој предизвикува размислување за системските неправди и ги инспирира читателите да ја преиспитаат реалноста во која живеат.

Официјален сајт: www.misamajic.com.

Датум: 9 мај

Време: 17 часот

Локација: Штанд „Антолог“ –  Саем на книга „Борис Трајковски“

Меѓу 16 новитети кои влегуваат во продажба на првиот саемски ден се и: „Емпусион“, првиот роман на Олга Токарчук по добивањето на Нобеловата награда за литература, „Зад решетки“ од Јуси Адлер-Олсен, како и новите преводи на класиците „Баскервилскиот пес“ на Артур Конан Дојл, „Проклета авлија“ на Иво Андриќ, „Дервишот и смртта“ на Меша Селимовиќ, „Патот на зенот“ од Алан Вотс, „Ана Каренина“ од Л.Н. Толстој, итн.

На црвената софа на штандот на „Антолог“ ќе се одржат низа настани со

македонски автори, меѓу кои и:

  • 8 мај – Отворен ден со триесетина домашни писатели (17 ч.)
  • 10 мај – Промоција на новите книги на Јордан Коцевски и Јован Илиески (18 ч.)
  • 11 мај – Промоција на новите книги на Елена Бошбош и Катерина Шошко (13 ч.)
  • 12 мај – Промоција на новите книги на Анде Јанков и Михајло Свидерски (18 ч.)
  • 13 мај – „Читачот vs. Приказничарот“ со Александар Маџаровски и Жарко Кујунџиски (17 ч.)

Во рамки на Саемот, „Антолог“ ќе понуди и специјални саемски пакети со значително намалени цени, вклучувајќи ја Бастанската серија, книгите на Јуси Адлер Олсен, популарните наслови на Камила Лекберг и Хенрик Фексеус, како и Босанската трилогија од Иво Андриќ. Дополнително, посетителите ќе имаат можност да искористат понуда „плати 6 – земи 7 книги“, која важи исклучиво на Саемот.

Посебно изненадување за младите читатели и љубителите на дигитални платформи е новата апликација BookBuddy – бесплатна дигитална библиотека за позајмување и размена на книги меѓу читатели.

Дополнително, започнува Bookfluencer Challenge – повик за најкреативна фотографија направена на или покрај штандот на „Антолог“. Победниците ќе добијат вредносни ваучери од 3000, 2000 и 1000 денари и ќе бидат дел од промотивната галерија на издавачот.

„Антолог“ ги поканува сите љубители на книгата да бидат дел од оваа книжевна прослава, да се сретнат со автори, да откријат нови изданија и да се приклучат на една вистинска читателска авантура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни