Нов калкулатор открива колкава е еколошката штета зад вашите интернет-пребарувања

Едноставна посета на веб-страница троши енергија, вода и создава CO₂ – нова алатка покажува колкав е скриениот отпечаток на дигиталниот свет

Интернетот денес е одговорен за околу 3,7 проценти од глобалните јаглеродни емисии, повеќе од целокупниот авио-сообраќај. Доколку интернетот беше држава, ќе беше четвртиот најголем загадувач во светот. Токму поради ова, научници развија нова алатка која јасно покажува како нашите секојдневни интернет-навики влијаат врз животната средина.

Климатски експерти од Универзитетот во Ексетер, во соработка со Madeby.studio, го развија дигиталниот калкулатор Digital Impact for Species, кој анализира било која веб-страница и ги прикажува нејзините скриени еколошки трошоци – не само преку CO₂ емисии, туку и преку потрошувачка на вода и енергија.

„Кога посетуваме веб-страница, ретко размислуваме за нејзиното влијание врз природата. Но, реалноста е дека постои висока цена – од енергијата што се троши додека податоците патуваат од дата-центарите до нашиот уред, до водата што се користи за ладење на серверите“, вели д-р Маркос Оливеира Џуниор, раководител на проектот и член на тимот за климатско и природно влијание на Универзитетот во Ексетер.

Колкава штета прават веб-страниците?

За да се пресмета влијанието, корисникот треба само да ја внесе URL-адресата на одредена веб-страница. Алатката потоа доделува оценка од A+ до F, прикажувајќи колкав е нејзиниот негативен ефект врз природата.

На пример, YouTube.com, кој обработува милијарди пребарувања месечно, е оценет со C, што значи дека постои простор за значително подобрување. Секој преглед на страница создава 0,249 грама CO₂, троши 0,0011 литри вода и 0,62 Wh енергија.

На месечно ниво, 9.000 посети на YouTube трошат 10 литри вода – количина доволна капуцин мајмун да преживее 77 дена. За апсорпција на создадениот CO₂ би биле потребни 41 ден активна фотосинтеза од едно дрво во Амазонската прашума. Истовремено, таа активност троши 6 kWh енергија, што е еквивалентно на дневната потрошувачка на 1.000 колибри во период од 332 дена.

„Ова не е алатка за јавно посрамување на веб-страниците со висок еколошки отпечаток, туку начин да се отвори разговор и да се поттикне поодржлив интернет“, нагласува Оливеира Џуниор.

Како се пресметува дигиталниот отпечаток?

Калкулаторот користи Google PageSpeed Insights за да ја измери точната големина на сите ресурси што се вчитуваат при отворање на една страница – слики, текст, видео и код. Кога овие податоци не се достапни, се користи индустрискиот просек.

Потоа, преку податоци од Green Web Foundation, се утврдува дали веб-страницата е хостирана на сервери што користат обновлива енергија или фосилни горива. Со помош на Sustainable Web Design Model, се пресметуваат емисиите на CO₂, потрошувачката на енергија и вода за секој преглед на страница.

Овие бројки се претвораат во „разбирливи споредби со природата“, користејќи научно верифицирани податоци за различни животински и растителни видови.

Како може да се намали дигиталното загадување?

Иако корисниците можат да го намалат својот отпечаток со поретко пребарување, најголемата одговорност паѓа врз сопствениците на веб-страници. Истражувачите препорачуваат користење помалку слики, ограничување на фонтови, поедноставна навигација и избегнување видеа кога тие не се неопходни.

Дополнително, изборот на „зелен“ веб-хостинг што користи обновлива енергија, оптимизирањето на кодот и почитувањето на SEO-насоките може значително да го намали времето потребно корисниците да стигнат до релевантната содржина – и со тоа да се намали влијанието врз животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни