Министерството за заштита на животната средина на Србија доцна синоќа соопшти дека дошло до дефект во собирниот шахт на лагуната на депонијата „Дубоко“ кај Ужице, поради што дошло до излевање на процедни (отпадни) води во Турски Поток.
Граѓанското здружение „Да не дишеме Дубоко“ објави на социјалната мрежа X дека од депонијата истекле повеќе од 800 кубни метри концентрирана загадена вода. Според нивните наводи, надлежните служби реагирале дури по нивната пријава.
„Дури по пријавата на ‘Да не дишеме Дубоко’ излегоа полицијата и комуналната инспекција. В.д. градоначалникот наведува дека пукнала цевка, но не објаснува зошто десет часа никој не го санирал дефектот“, соопштија од здружението.
Ова здружение уште во ноември ја предупредуваше јавноста за ризик од еколошка катастрофа и ја повикуваше управата на ЈКП „Дубоко“ итно да ги спроведе решенијата на надлежните инспекции, предупредувајќи дека непостапувањето може да има сериозни последици по животната средина и здравјето на луѓето.
Што соопшти Министерството за заштита на животната средина?
Министерството наведе дека хаваријата настанала поради пукање на заштитен балон во собирниот шахт на лагуната на депонијата „Дубоко“, што довело до излевање на процедните води во Турски Поток.
Екипите за санација се испратени на терен со цел дефектот да се отстрани во најкраток можен рок и да се спречат понатамошни последици. Министерството информираше дека е во постојан контакт со Групата за сузбивање на еколошки криминал при Полициската управа во Ужице, која извршила увид на лице место.
За случајот е известен и републичкиот воден инспектор, кој започнал постапка за утврдување на фактичката состојба и евентуално прекршување на прописите. Исто така, информирано е и Основното јавно обвинителство во Ужице, кое ќе го ангажира Заводот за јавно здравје за земање примероци и анализа на водата.
Хронологија на проблемите со депонијата „Дубоко“
Депонијата „Дубоко“ кај Ужице беше замислена како регионален центар за управување со отпад за девет локални самоуправи, во согласност со европските стандарди. Сепак, набргу по почетокот на работата стана јасно дека нејзините капацитети не се усогласени со количината на отпад.
Со години беа евидентирани проблеми како нестабилност на телото на депонијата, појава на депониски гас, истекувања и свлечишта, што укажува на сериозни пропусти во проектирањето и управувањето. И покрај истекот на клучните дозволи во 2023 година, депонијата продолжи со работа без јасна правна основа.
Во февруари 2024 година, градежната инспекција донесе решение за забрана за работа поради непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето, но таа одлука не беше спроведена. Во мај истата година избувна голем пожар кој речиси три недели предизвикуваше сериозно загадување на воздухот во Ужице и околината.
Иако депонијата официјално беше затворена во ноември 2024 година, јавноста дури во декември дозна за претходното инспекциско решение за забрана на работа.
