Еко свеста расте: Граѓаните на Општина Штип редовно ги користат повратните вендинг машини за селектирање отпад

Штипјани најдоа начин да покажат дека се грижат за нивната Општина, преку покажување на високо ниво на еколошка свест. Штип редовно се вбројува меѓу самиот врв на најеколошки општини во земјата, што покажува колку во овој град луѓето, но и локалните власти, ја почитуваат природата и сопствената животна средина.

Особено голема доза на еко оптимизам влеваат податоците добиени од повратните вендинг машини на Пакомак преку кои се собираат пластични шишиња и лименки, кои покажуваат дека во текот на 2024 година граѓаните на Штип собрале дури 18.674 килограми отпад кој завршил на рециклирање.

Веќе трета година по ред, граѓаните на Штип имаат пристап до повратни вендинг машини во кои можат да го одложуваат амбалажниот отпад и за возврат да добиваат „зелени поени“ кои можат да бидат заменети со вредни придобивки и поволности како што се: ваучери за попусти во маркети и во други продажни објекти, плаќање јавни услуги и комунални трошоци. „Зелените поени“ за успешно одложување отпад се добиваат преку мобилната апликација ЕкоМак, на која во моментов има регистрирано 1.895 активни профили на територијата на Општина Штип.

Дополнително на тоа, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, за своите сограѓани обезбеди и дополнителна вредност за селектирањето и одложувањето на отпад, со тоа што Општината ги финансира „зелените поени“ за да ги стимулира своите граѓани да се приклучат на оваа еко мисија.

Поставувањето на повратните вендинг машини е проект кој го започнаа Пакомак и Швајцарската амбасада како стратешки партнер, преку кој во изминатите четири години беа поставени 70 машини во 15 градови (општини) од земјата. Во моделот за поставувањето на машините приоритет имаат општини кои земаат учество во стимулирањето на нивните граѓани да ги користат машините со субвенционирање на „зелените поени“ – симболичен издаток за општината кој дава големи резултати во собрани шишиња и лименки што во спротивно би завршиле во речните корита и локалните депонии.

Селектирањето отпад преку повратни вендинг машини значително го забрзува растот на одговорноста и свеста, но поттикот кој го даваат самите Општини ја стимулира ангажираноста на граѓаните и прави тие да се вклучат во поголем број. Една од општините која располага со повратна вендинг машина е Прилеп, која според бројот на жители е отприлика иста големина со Штип. Но за разлика од Штип, во Општина Прилеп не се субвенционираат „зелените поени“ и тоа се забележува во конечните резултати. За споредба, во 2023 година Прилепчани собраа 1.779 килограми повеќе отпад од Штипјани, но веќе следната година бројот на Штипјани кои селектираат се зголеми и тие заедно собраа дури 2.296 килограми отпад повеќе од граѓаните на Прилеп. Доказ дека понекогаш е доволно институциите и властите да дадат само мала поддршка, за да се направи позитивна разлика кај населението.

Преку повратните вендинг машини на Пакомак во текот на 2023 и 2024 година беа собрани околу 18 милиони шишиња и лименки, од страна на преку 46.000 регистрирани на корисници. Бројот на луѓето кои ја симнуваат и ја користат апликацијата ЕкоМак секојдневно расте, а со тоа се зголемува не само количината на отпад кој ќе заврши на рециклирање, туку и еколошката свест кај населението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни