Поради низа општествени, еколошки и инфраструктурни фактори, темата за собирањето и селектирањето на отпадот во последните години прерасна во едно од најактуелните прашања во јавниот простор. Додека во дел од општините веќе се забележуваат значајни и мерливи резултати, во други процесот се одвива побавно, но сепак со потенцијал за напредок.
Со растот на еколошката свест кај граѓаните и постепеното јакнење и модернизирање на отпадната инфраструктура, сè почесто се поставува прашањето: што е потребно граѓаните целосно да ја прифатат својата еко-одговорност и каква улога треба да имаат локалните самоуправи во поттикнувањето на ваквото однесување?
Повратните вендинг машини како двигател на промени
Воведувањето на нови практики за собирање и селектирање на отпадот се покажа како ефикасен механизам за зголемување на интересот кај граѓаните за тоа каде завршува нивниот отпад и какво влијание има врз животната средина. Таков пример се Повратните вендинг машини (ПВМ), кои ги поставува Пакомак во соработка со Швајцарската амбасада.
Преку овие машини, граѓаните можат да одложуваат амбалажен отпад и за возврат да добиваат таканаречени „зелени поени“, кои подоцна ги користат според сопствен избор. Овој модел значително го олесни процесот на селекција, но и додаде мотивирачка вредност што беше одлично прифатена. За релативно кратко време, бројот на собрани и рециклирани парчиња амбалажен отпад забележа забележителен раст.
Битола – позитивен пример за еколошка трансформација
Кога станува збор за еколошки свесни и одговорни општини, Битола се издвојува како еден од најпозитивните примери во државата. Во последните две години, на територијата на целата општина евидентен е пораст не само на свесноста, туку и на активното учество на граѓаните во селектирањето и рециклирањето на амбалажниот отпад.
Податоците покажуваат дека во 2024 година битолчани одложиле 34.061 килограм амбалажен отпад, додека во првите десет месеци од 2025 година таа бројка пораснала на 41.894 килограми. Пресметано во парчиња, тоа значи повеќе од 1.311.000 пластични шишиња и лименки кои, наместо да завршат на депонија или во природата, биле правилно селектирани и рециклирани.
Волуменот што го зафаќа оваа количина отпад е еквивалентен на повеќе од половина олимписки базен, што јасно ја илустрира важноста на ваквите системи за продолжување на животниот век на депониите и заштеда на природните ресурси.
Тетово – сигнал за застој и потреба од дополнителни мерки
За разлика од Битола, Општина Тетово во 2025 година бележи благ пад на бројот на собрани парчиња отпад преку ПВМ. Иако машините се поставени, статистиката покажува дека во 2024 година биле собрани 560.176 парчиња, додека во 2025 година бројката паднала на 553.120 парчиња.
Овој тренд отвора повеќе прашања: дали е потребно поставување на поголем број машини за подобро покривање на критичните точки? Или пак, неопходни се дополнителни мотивациски мерки од страна на самата општина?
Поттикнување преку субвенции – модел што функционира
Искуствата од други општини како Берово, Кочани и Охрид покажуваат дека субвенционирањето на „зелените поени“ има директно позитивно влијание врз однесувањето на граѓаните. Во овие општини, за секое одложено парче отпад, граѓаните добиваат двојно повеќе поени, што долгорочно резултира со зголемени количини на селектиран отпад.
Нова ера на управување со отпадот
Едно е јасно: Македонија полека, но сигурно, влегува во нова ера на собирање и управување со отпадот. Повратните вендинг машини овозможуваат граѓаните да бидат директно наградени за својата еколошка активност, а најавеното отворање на мега погон за селекција на отпад на Пакомак дополнително ќе ја зајакне националната инфраструктура.
Сепак, успехот на овој процес зависи од заедничка одговорност и соработка – помеѓу граѓаните, локалните самоуправи и институциите. Само така, управувањето со отпадот може да стане одржлив систем, а не привремено решение.
